Vesna Besiç
18 Ноември 2016•Ажурирај: 19 Ноември 2016
САРАЕВО (АА) - На денешен ден во 1991 година, со падот на потполно уништениот Вуковар заврши тримесечната опсада и гранатирањето на градот од страна на Југословенската народна армија (ЈНА) и српските паравоени сили, период во кој на Вуковар паднаа повеќе од 6,5 милиони гранати, пренесува Anadolu Agency (AA).
На овој ден, како што е соопштено од Центарот за соочување со минатото, граѓаните на Хрватска се присетуваат на сите настрадани во Вуковар и околината. За време на тие три месеци загинаа повеќе од 3.000 цивили и бранители, меѓу кои и 86 деца.
По падот на Вуковар, стотици заробени бранители и цивили поминаа низ тортура за време на заробувањето и транспортот, во привремените логори и во логорите и затворите во Србија.
„Во текот на последните денови на опсадата, дел од цивилите и бранителите побараа спас во вуковарската болница. Но, по заземањето на болниците од страна на ЈНА, мајорот Шљиванчанин спроведе тријажа, по која на 20 ноември 1991 година беа издвоени 269 лица од кои само десетина не се убиени. Тие биле однесени на фарма на Овчара, каде што припадниците на територијална одбрана и паравоените српски сили ги мачеле во попладневните часови и ноќта ги убиле“, потсетија од Центарот.
Се наведува дека од масовните гробници се ексхумирани и идентификувни 200 лица. Најмладата жртва на егзекуциите на ранетите и заробените на Овчара имала 17 години, а најстарата 72 години. Убиени се и две жени, едната од нив во поодмината бременост.
Според податоците на четвртото издание на книгата за исчезнатите лица на територијата на Република Хрватска, на подрачјето на градот Вуковар регистрирани се вкупно 291 исчезнат, додека за 30 од нив се бараат посмртните останки. Најголем број исчезнати лица е забележан токму во периодот од 18 до 20 ноември 1991 година, кога за три дена, на подрачјето на Вуковар исчезнаа 160 лица. Во истиот период се трага за уште шест посмртни останки.
И покрај фактот што за одредени злосторства во околината на Вуковар се спроведени истраги, подигнати се обвиненија, некои обвинети се прогласени за виновни и осудени се на долгогодишни затворски казни, голем број од убиствата на хрватските, српските и другите цивили и хрватските бранители, кои се случиле за време на летниот и есенскиот период 1991 година, и понатаму се неистражени и непроцесуирани.