Aldijana Hadzic
18 Ноември 2021•Ажурирај: 19 Ноември 2021
ВУКОВАР (АА) - Денот на сеќавање на жртвите на Вуковар, по повод 30-годишнината од падот на тој хрватски град, се одбележува со низа манифестации, а една од нив е и Колоната на сеќавање. Оваа година, Колоната на сеќавање е организирана во согласност со епидемиолошките мерки и ја предводат членовите на семејството на убиените и исчезнатите, хрватските ветерани, претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, премиерот Андреј Пленковиќ и претседателот на хрватскиот Сабор, Гордан Јандроковиќ, јавува Агенција Анадолија (АА).
Достоинствената поворка започна пред Националната меморијална болница Вуковар, патот по кој бегале бегалците во 1991 година. Пат од 5,5 километри кои учесниците на колоната би требало да го поминат за околу два часа. Колоната на сеќавање патот ќе го заврши на Меморијалните гробишта на жртвите од Татковинската војна каде што ќе се одржи молитва за жртвите на Вуковар која ќе ја предводи монсињор Ѓуро Храниќ, Ѓаковско-осиечки архиепископ и митрополит.
На гробиштата, учесниците на Колоната на сеќавање, меѓу кои и државниот врв, ќе положат венци и цвеќе, и ќе биде одржана свечена евхаристија.
Денеска ќе биде одржана и Светлосната река на сеќавање, односно ќе бидат пуштени светилки во Дунав во спомен на убиените и исчезнатите бранители на Вуковар.
Денот на сеќавањето на жртвите на Татковинската војна и Денот на сеќавање на жртвите на Вуковар и Шкабрње е државен празник кој се одбележува во Хрватска на 18 ноември во сеќавање на денот кога во 1991 година е поразена одбраната на градот Вуковар, кога е извршен масакр во Шкабрње и кога своето јунаштво го искажаа бранителите на Саборско, Слуњ, Цетинград и Раковица.
Овој ден се одбележува во знак на сеќавање на падот на Вуковар на 18 ноември 1991 година под контрола на окупаторските сили на српските паравоени формации и тогашната Југословенската народна армија (ЈНА). Опсадата и битката за Вуковар траеше три месеци, од 24 август до 18 ноември 1991 година. Градот, кој до падот во рацете на ЈНА беше претворен во урнатини, го бранеа околу 1.800 припадници на хрватските сили. Линијата на одбрана беше долга 10 километри.
Во борбите загинаа помеѓу 2.900 и 3.600 луѓе. Според податоците на вуковарската болница, настрадале 1.624 цивили и припадници на хрватската војска, а ранети се 1.219 лица. Повеќе од 22.000 предвоени жители останаа без дом и се протерани.
Со жртвите на Вуковар се одбележува и сеќавањето на масакрот на 43 хрватски цивили во Шкарње извршен истиот ден 1991 година.
Вуковар, по седум години од падот, мирно е реинтегриран. Во градот, во кој пред војната живееја повеќе од 44.000 жители, сега се нешто помалку од 27.000.
Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија во Хаг, го осуди Миле Мркишиќ, еден од командантите на единиците на ЈНА, на 20 години затвор поради убиства и тортура, а Веселин Шљиванчанин на 10 години затвор поради тортура, но ослободен е од обвинувањата за геноцид и истребувањето на не-Србите, додека Милорад Радиќ е ослободен од обвиненијата.
Обвинет е и уапсен и Славко Докмановиќ, воен претседател на СО Вуковар, но пред изрекувањето на пресудата во 1998 година, изврши самоубиство. Злосторствата во Вуковар беа дел од обвиненијата на некогашниот претседател на Србија, Слободан Милошевиќ, кој не ја дочека пресудата, бидејќи почина во Хашкиот трибунал 2006 година.
Воислав Шешељ, водачот на „Белите орли“, ослободен е пред Меѓународниот кривичен суд за поранешна Југославија (МКСЈ) за обвиненијата за злосторства против човештвото и кршење на законот и правилата на војувањето, помеѓу останатото, и во судирите во Вуковар.