Fatjon Cuka
19 Ноември 2019•Ажурирај: 20 Ноември 2019
ТИРАНА (АА) - Меѓународната конференција на тема „Религијата како инструмент за мир“ собра високи функционери од различни земји во Тирана, фокусирајќи се на неколку теми, јавува Агенција Анадолија (АА).
На отворањето на Конференцијата организирана под покровителство на претседателот на Албанија, Илир Мета, во соработка со американскиот Стејт департмент, присуствуваа високи функционери од балканските земји, меѓу кои и претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, претставници на верските заедници од различни земји од светот, амбасадори, вклучително и амбасадорот на Турција во Тирана, Мурат Ахмет Јорук.
- Мета: „Верската слобода е суштинска за мирот и стабилноста“ -
Претседателот на Албанија, Илир Мета, во своето воведно обраќање рече дека верската слобода е суштинска за мирот и стабилноста.
„Верската разновидност е несомнено едно од најголемите средства што го наследи човековото општество, од нејзиното раѓање до денес. Албанците се меѓу народите кои во текот на својата историја никогаш не знаеле за религиозни војни и конфликти. Ова е причината поради која одличната хармонија, толеранција и верскиот соживот во Албанија се пример и инспирација за целиот свет“, рече претседателот на Албанија.
Мета, исто така, кажа дека „против каква било форма на фундаментализам, екстремизам, идеолошки или догматски тероризам, можеме да се соочиме само ако сме обединети, обединети околу универзалните и човечките вредности кои му служат на мирот и просперитетот на нашите граѓани и земји“.
- Џафери: Универзалните човекови права треба да бидат еднакви за сите -
Претседателот на Собранието на Северна Македонија, Талат Џафери, истакна дека универзалните човекови права и слободи треба да бидат еднакви за сите.
„Практикувањето на една религија никогаш не смее да биде на штета на друга религија, таа никогаш не смее да се дискриминира од друга религија. Секако, и верската слобода е предмет на општите правила што важат за сите граѓани и тие треба секогаш да се во согласност со Уставот и актуелните закони. Одржувањето на мирот и обезбедувањето достоинствени услови за живот е обврска на сите креатори на политики“, рече Џафери.
Претседателот на Косово, Хашим Тачи, во неговиот говор истакна дека кога нема политичка и верска толеранција и кога преовладува омраза од секаков вид, мирот е загрозен и верата се злоупотребува.
„Албанската нација дала и до ден-денес сè уште дава многу позитивен, многу добар и многу траен пример. Албанците се со исламска и христијанска вера, тие се муслимани, католици и православни, сигурно има атеисти. Но, целата оваа разновидност на идентитети во нашите односи со Господ коегзистираше во толеранција и разбирање, кои се традиционални вредности меѓу нас“, рече Тачи.
Сем Браунбек, претставник од американскиот Стејт департмент, рече дека Албанија е совршен пример за верска слобода.
Претседателот на Собранието на Црна Гора, Иван Брајовиќ, во својот говор потенцираше дека Црна Гора е држава посветена на заштитата на верската слобода во сите прашања.
На панелите на дводневната Конференција ќе се разговара за повеќе теми, како што се „Верата како општо добро за напредокот на мирот“, „Улогата на верата во посткомунистичките општества“ и „Преживеаните од верското прогонство“.