Zylfije Adem Jakupi
03 Ноември 2020•Ажурирај: 04 Ноември 2020
ПРИШТИНА (АА) - Мисијата на КФОР, која ја предводи НАТО, го дочека својот 27 контигент од Северна Македонија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Од КФОР е соопштено дека 44 припадници од касарната „Кузман Јосифовски Питу“ од Тетово, која ја предводи капетанот Христијан Димчевски, ќе служат во Регионалната команда Запад на КФОР која се наоѓа во Пеќ.
Се нагласува дека тие ќе придонесат за целокупната мисија на КФОР да обезбеди сигурно и безбедно опкружување и слобода на движење за сите заедници на Косово, во согласност со Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН од 1999 година.
„Нивните задачи ќе вклучуваат патролирање, обезбедување на манастирот Високи Дечани и обезбедување на кампот „Вилаџо Италија“ (седиште на Регионалната команда Запад) со своите колеги од Италија и Молдавија. Останатиот дел од контигентот ќе работат како штабни офицери во Главниот штаб на КФОР во Приштина“, се истакнува во соопштението.
Знамето на Северна Македонија беше подигнато денес на церемонијата што се одржа во седиштето на Регионалната команда Запад, на која присуствуваше командантот на силите во Косово, генерал-мајор Микеле Риси.
Генералот Риси им порача на новораспоредените трупи дека нивниот потфат ќе помогне во зајакнувањето на врските и зајакнувањето на односите меѓу Северна Македонија и другите 26 членки, кои во моментов служат во мисијата КФОР предводена од НАТО
Придонесот на припадниците на Армијата во мисијата на КФОР на Косово ќе продолжи да расте во текот на 2021 година. Планот е да се зголеми бројот на војници на повеќе од 60 во следната ротација од шест месеци.