Admir Fazlagic
14 Ноември 2017•Ажурирај: 15 Ноември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Градоначалниците на Скопје и на Сараево, Петре Шилегов и Абдулах Скака, денеска, во Националната галерија Даут-пашин амам во Старата скопска чаршија ја потпишаа Спогодбата за збратимување меѓу двата града, пришто порачаа дека главните градови на Македонија и на Босна и Херцеговина негуваат многу заеднички вредности, јавува Anadolu Agency (AA).
Градоначалникот на градот Скопје, Петре Шилегов, во своето обраќање по повод потпишувањето за Спогодбата на збратимување на двата града истакна дека му претставува чест и задоволство, но и обврска што денеска се потпишува оваа спогодба со којашто изрази уверување дека ќе се унапреди и ќе се продлабочи соработката на двата града во многу области од заеднички интерес.
Како што рече градоначалникот Шилегов, спогодбата претставува круна на еден процес којшто се одвиваше во период од една година меѓу администрациите на двата града, како и дека во овие денови по повод одбележувањето на 13. Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје, се одржа свеченото официјализирање на збратимувањето на градовите Скопје и Сараево.
„Сараево е 20. град со којшто се збратимува градот Скопје и има некаква симболика во таа бројка. Тој е последниот главен град од поранешната држава [Југославија] со којшто Скопје ја потпишува оваа спогодба. Благодарност до амбасадорката на БиХ во Скопје, којашто се вложи во овој процес и овозможи квалитет на оваа средба и потпишување на спогодбата“, изјави Шилегов.
Тој информираше дека со градоначаникот на градот Сараево, Абдулах Скака, констатирале дека можат да реализираат сериозна соработка затоа што и Скопје и Сараево и нивните граѓани, како што посочи, ги мачат истите маки, а тоа се, наведе Шилегов, проблемите со загаденоста, проблемите со урбанизмот, инфраструктурата и слично.
Шилегов додаде дека со својот колега од Сараево парафирале спогодба за размена на искуства меѓу Јавното сообраќајно претпријатие на градот Скопје и Јавното сообраќајно претпријатие на градот Сараево, во делот на експлоатација на жичарници и размена на искуства во сообраќајот.
Градоначалникот Шилегов изрази уверување дека ова ќе биде добар мотив граѓаните на Сараево да го посетат Скопје и неговите убавини, истакнувајќи дека „Скопје ја има најубавата чаршија на Балканот, којашто е многу автентична“.
Од друга страна, градоначалникот на градот Сараево, Абдулах Скака, му се заблагодари на градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, и изрази уверување дека ова ќе биде добар почеток на успешна соработка на двата града.
„За градот Сараево ова е многу важен ден, од причина што ова е првиот глвен град од нашата поранешна заедничка држава Југославија со којшто градот Сараево се збратимува. Особено ми е драго што двата града негуваат мултикултурност и мултиетничност, по тоа двата града се препознатливи и јас верувам дека ќе продолжиме во иднина по тој пат и ќе го задржиме тој курс по којшто се движиме", рече Скака.
Тој информираше дека Градскиот совет на градот Сараево во јули минатата година донесе одлука за збратимување со Скопје.
Исто така, порача дека му е особено драго што иницијативата за збратимување на двата града потекнала од македонскиот Детски парламент од една страна, и од друга страна од Фондацијата „Децата се столбови на светот“, за што рече дека е јасна порака оти младите се иднина на развојот на сите позитивни процеси како на овие две држави, така за регионот, но и за Европа.
На потпишувањето на Спогодбата присуствуваше делегација од Сараево и советници од двата града.