Admir Fazlagic
14 Септември 2017•Ажурирај: 14 Септември 2017
СКОПЈЕ (АА) - Општините Велес, Охрид и Кочани на 15 октомври, на денот на локалните избори ќе одржат и референдум на којшто ќе се изјаснат дали сакаат на територијата на нивните општини да се населат бегалци, јавува Anadolu Agency (AA).
Од Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Велес, велат дека 15. октомври ќе биде ден кога граѓаните на Велес ќе донесат многу значајна одлука за својата иднина. Од таму порачуваат дека на денот на референдумот, велешани ќе имаат можност самите да дадат одговор на прашањето дали се согласуваат со Стратегија за интеграција на бегалци и странци на Владата предводена од СДСМ.
Живе Катранџиев од ОК ВМРО-ДПМНЕ Велес вели дека и покрај апелите и барањата на граѓаните, СДСМ да се откаже од погубната Стратегија за интеграција на бегалци, и покрај огромното противење на плановите за изградба на социјални станови за вдомување на мигранти, никој од Владата не ги прашал граѓаните што мислат за овие нивни планови.
„Кога тоа не сакаше да го направи Владата, ќе го направи општината. На 74. седница, Советот на општина Велес донесе одлука на 15. октомври да се спроведе референдум на локално ниво, за прашањето: „Дали сте за населување и интеграција на мигранти на територијата на општина Велес?“ Референдумот ќе биде со обврзувачки карактер и ќе значи дека резултатите од него мора да се почитуваат“, образложи Катранџиев.
Тој додаде дека одлуката на Советот да се распише референдум по ова прашање е одговор на барањата на граѓаните.
„Никој не смее зад грбот на велешани да кова стратегии и да спроведува акциски планови кои носат сериозни демографски, социо-економски и безбедносни ризици за граѓаните“, изјави Катранџиев.
Освен во Велес, на 15. октомври и Охриѓани ќе можат да се изјаснат за прашањето: „Дали сакате на подрачјето на општина Охрид да се доселуваат лица кои бараат азил?“
Со 13 гласа „за“ и два воздржани, советот на општина Охрид ги изгласа иницијативата и предлог-одлуката за распишување референдум во врска со прашањето за мигрантите.
На носењето на одлуката му претходеше долга расправа во којашто советниците од опозицијата го повторија ставот дека иницијативата за распишување референдум е неоснована, истакнувајќи дека во Македонија нема бегалци, освен мал број кои транзитираат. Во Советот на општина Охрид беше отворено и прашањето околу надлежноста на советот да носи такви одлуки.
Исто така, во изминатите денови и Советот на општина Кочани ја објави одлуката за распишување референдум за подрачјето на општината заради изјаснување на граѓаните околу овозможувањето услови за населување на бегалци и мигранти на територија на Кочани. На референдумот на локално ниво, граѓаните на Општина Кочани ќе се произнесат по однос прашањето: „Дали сте за населување и интеграција на мигранти на територија на општина Кочани?"
- Министерката Царовска: Во Македонија ниту се градат, ниту ќе се градат станови за бегалци
Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, околу прашањето за населување на бегалци во Македонија и градење станови за нив, рече дека во земјава ниту се градат нуту ќе се градат станови за бегалци.
„Неколкупати во медиумите кажав, тоа е лага, ВМРО-ДПМНЕ пласираат лажни вести со цел да ја изманипулираат јавноста пред локалните избори. Референдумот е демократска алатка којашто јас како личност, но и Владата ја поддржува. Демократијата е основното нешто што треба да го почитуваме ние како Влада, но и сите граѓани во Република Македонија“, истакна министерката Царовска.
Меѓу другото, Царовска апелираше да се внимава околу распишувањето на референдум.
„Ако се распише, тоа секако не смее да биде на денот на изборите, мора да биде по изборите, заради тоа што веројатно треба да се свесни дека и во Законот за избори и во Закон за спречување на корупцијата стои дека средства што не се планирани во Буџетот не смеат да се лоцираат во овој период. Ние сме веќе во избори, што значи дека тоа може да го направат по изборите, но внимателно треба да се трошат парите на граѓаните“, рече Царовска.