Husameddin Gina
03 Декември 2018•Ажурирај: 04 Декември 2018
СКОПЈЕ (АА) – На одбележувањето на 3 Декември - Меѓународниот ден на лицата со попреченост во Владата на Република Македонија, премиерот Зоран Заев истакна дека придобивките од интегрирањето на лицата со попреченост во секој сегмент на општеството се огромни, јавува Anadolu Agency (AA).
Оваа година Меѓународниот ден на лицата со попреченост се одбележува мод мотото „Зајакнување на лицата со попреченост и обезбедување инклузивност и еднаквост“.
Според проценките на Светската здравствена организација, во Република Македонија околу 10 проценти од граѓаните се со некакви пречки во развојот.
Премиерот Зоран Заев во своето обраќање потсети дека Владата во октомври 2018 година го усвоила акцискиот план за спроведување на националната стратегија, кој претставува прв практичен оперативен водич во спроведувањето на деинституционализацијата во Македонија.
„Оваа реформа е врвен приоритет за нас и треба да изгради систем за испорака на социјални услуги заснован на пристапот на човекови права кој ги унапредува правата на вклученост и достоинство на корисниците“, рече премиерот Заев.
Тој на крајот нагласи дека како претседател на Владата на Македонија ќе биде задоволен дури откако ќе успее на сите лица со попреченост да им се овозможи сето она што им е потребно.
Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, нагласи дека во Специјалниот завод „Демир Капија“ нема веќе деца до 18 години и тие ќе бидат сместени во мал групен дом во Скопје, каде што ќе добијат 24-часовна поддршка од лични асистенти со специјализирани индивидуализирани програми за работа.
„Денеска симболично што сакам да споделам со вас е дека во Демир Капија повеќе нема ниту едно дете од 0 до 18 години, се извлече и последната група и таа се донесе во Скопје, поради различните здравствени и социјални потреби коишто оваа група ги има“, наведе Царовска.
На одбележувањето на Меѓународниот ден на лицата со попреченост присуствуваше и шефот на делегацијата на Европската Унија во Република Македонија, Самуел Жбогар.
Тој истакна дека како Европска Унија ќе продолжат преку фондови да ги поддржуваат владините мерки за зајакнување на институциите и за спроведување на препораките на националната стратегија.
На крајот на одбележувањето на Меѓународниот ден на лицата со попреченост, премиерот Зоран Заев на танчарите со Даунов синдром од Македонија, коишто освоија златен медал на Светското првенство во хип-хоп во Киелце, Полска, им додели признание.
Да потсетиме, Македонија на 30 март 2007 година ја потпиша, а на 5 декември 2011 година ја ратификуваше Конвенцијата за правата на лицата со попреченост. Конвенцијата претставува прв меѓународно правен и обврзувачки инструмент преку кој се утврдуваат минимум стандардите за правата на лицата со попреченост.