Husameddin Gina
14 Ноември 2018•Ажурирај: 15 Ноември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Република Малта, Џозеф Мускат, кој денеска присуствува во прва официјална посета на Република Македонија, на платото пред Владата беше пречекан со свечена церемонија од страна на премиерот Зоран Заев, јавува Anadolu Agency (AA).
По свечениот пречек, премиерот на Република Малта, Џозеф Мускат, и премиерот Заев имаа средба, а потоа и заедничка прес-конференција.
Премиерот Зоран Заев нагласи дека повратната посета на премиерот на Малта во Македонија е силен знак дека двете земји придаваат особено значење и поттик на билатералните односи.
„Јас и Џозеф, како и членовите на двете делегации, денеска разговаравме за започнување непосредни конзуларни услуги за граѓаните на Република Македонија во Валета, тоа ќе биде во директна корист на сите граѓани на Република Македонија кои живеат и работат во Малта“, истакна Заев.
Премиерот Заев, исто така, изјави дека воспоставувањето на дипломатско-политичките односи создава силен импулс за интензивирање и проширување на економската соработка. Во таа насока ќе бидат поттикнати стопанските комори на двете земји да воспостават комуникации.
Премиерот на Република Малта, Џозеф Мускат, на денешната прес-конференција ја реафирмираше поддршката за Македонија за зачленување во Европската Унија. За него процесот за зачленувањето во ЕУ е гломазен и тежок.
„Ќе ве поддржиме и на политички план, ќе ве поддржиме и на технички план, како што и вие самите побаравте во одреден момент кога ќе ги започнете поготовките, без разлика на она што се случува на друго место, ќе можете да сметате на нас на почетокот на скрининг-процесот“, рече премиерот на Малта, Џозеф Мускат.
Тој, исто така, нагласи дека како најмала членка на ЕУ со нетрпение очекуваат да ги споделат своите искуства со Македонија.
Според него, зачленувањето во ЕУ нема никаква врска со големината на земјата, туку со визијата што ја има земјата.