Husameddin Gina
29 Ноември 2018•Ажурирај: 30 Ноември 2018
СКОПЈЕ (АА) – Премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, денес присуствуваше на петтиот јубилеен меѓународен драмски фестивал за лица со и без попреченост „Игри без маски - театар без дискриминација“, јавува Anadolu Agency (AA).
Театарот без дискриминација оваа година го слави петгодишниот јубилеј, и сѐ уште го држи приматот единствен од таков вид на Балканот, кој во себе ја има магијата на обединување.
Претставите во рамките на фестивалот беа одиграни од 26 до 29 ноември, на малата и големата сцена на Македонскиот народен театар.
Осврнувајќи се на значењето на меѓународниот драмски фестивал, премиерот Зоран Заев истакна дека петгодишниот јубилеј воопшто не е мал, и крајна цел на фестивалот е вклучување на лицата со попреченост во сите културни настани.
„Денеска гледајќи ги распеаните лица, знам дека во изминатите три дена се исполнети душите со позитивна енергија, и дека сите уживаат во уметноста којашто ја споделија овие деца сами меѓу себе и со сите нас. И би рекол вистински актеришта”, истакна премиерот Заев.
Премиерот Заев во своето обраќање нагласи дека Владата ќе продолжи со поддршката на сите активности што ги организираат лицата со попреченост.
Инаку, претставите ги играат аматерски актерски групи од Македонија и странство, чии актери се лица со и без хендикеп. Низ игрите се придружуваат и истакнати актерски имиња давајќи свој придонес за поквалитетна театарска изведба.