Балкан

Димитров: „Парадоксално е земја членка на ЕУ да му даде азил на осуденик“

Министерот Димитров нагласи дека на маргините на министерскиот состанок на НАТО кој ќе се одржи во Брисел на 4 и 5 декември ќе разговара со неговиот унгарски колега Сијарто.

Husameddin Gina  | 21.11.2018 - Обновена : 21.11.2018
Димитров: „Парадоксално е земја членка на ЕУ да му даде азил на осуденик“ (Foto: Husameddin Gina/ AA)

Skopje

СКОПЈЕ (АА) – Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Димитров, денес имаше средба со министерот за надворешни работи на Кралството Данска, Андерс Самуелсен, којшто престојува во официјална возвратна посета на Република Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).

Никола Димитров, на заедничката прес-конференција, по средбата со неговиот дански колега изјави дека разговарале за Европската Унија, за регионот и за актуелната ситуација во Македонија во однос на поранешниот премиер Груевски.

Осврнувајќи се на случувањата во врска со Груевски и одобрувањето на неговото барање за политички азил во Унгарија, шефот на македонската дипломатија тоа го прокоментира како „иронично и парадоксално“.

„И сега Македонија како земја кандидат прави сè во Македонија да владее правото и вистина е дека е и иронија и парадоксално што човек што има правосилна пресуда, осуденик, којшто се соочува со 4 други обвиненија и со 5 други истраги, најде заштита и доби азил во земја членка. Ова е проблем за Македонија, меѓутоа ова е проблем и за Европската Унија и за кредибилноста на принципот на владењето на правото во Европската Унија“, истакна Димитров.

Министерот Димитров нагласи дека на маргините на министерскиот состанок на НАТО кој ќе се одржи во Брисел на 4 и 5 декември ќе разговара со неговиот унгарски колега Сијарто.

Димитров, исто така, нагласи дека неселективната правда не е добра ниту за Европа, ниту пак, за Унгарија.

Министерот Самуелсен го поздрави постигнатиот напредок на Република Македонија и ја реафирмираше поддршката на Данска за европската и евроатлантската перспектива на земјата, при што нагласи дека спроведувањето на усвоените реформи е од исклучителна важност за процесот на натамошна интеграција на земјата во ЕУ.

Ова е прва посета на дански министер за надворешни работи на Република Македонија по 16 години.

Инаку, откако поранешниот премиер на Република Македонија, Никола Груевски, вчера, на неговиот официјален профил на социјалната мрежа Фејсбук објави дека Унгарија одговорила позитивно на неговото барање за добивање политички азил, преку писмено соопштение до јавноста реагираше Владата на Република Македонија.

Од Владата информираа дека е испратено и барање за екстрадиција на Груевски проследено со севкупната документација за процесите и пресудата, како и дека очекуваат од властите во Будимпешта дека безусловно ќе го прифатат барањето за екстрадиција.

Потсетуваме, по објавата на Груевски дека е во Будимпешта, информациите ги потврди и Министерството за внатрешни работи на Република Македонија, кое распиша меѓународна потерница за Груевски.

Груевски е правосилно осуден на двегодишна затворска казна во случајот „Тенк“, за набавката на луксузен мерцедес вреден 570 илјади евра.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.