Husameddin Gina
04 Декември 2018•Ажурирај: 05 Декември 2018
СКОПЈЕ (АА) – Црвениот крст на Република Македонија денес го одбележа 5 декември - Светскиот ден на волонтерството, кој го одбележуваат над 17 милиони волонтери од 191 држава во светот во рамките на Движењето на Црвениот крст и Црвената полумесечина, јавува Anadolu Agency (AA).
Црвениот крст на Македонија, по повод 5 декември - Светскиот ден на волонтерството, организираше конференција за волонтерство под наслов „Волонтерите градат стабилни заедници“. На Конференцијата беше истакнато дека Црвениот крст на Македонија, како лидер во граѓанскиот сектор, во однос на бројот на волонтери - над 10.500 членови и 7.500 активни волонтери, настојува да биде секогаш онаму каде што е најпотребно.
На свечениот настан, во Музејот на град Скопје, свое обраќање имаше и министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска. Министерката потсети дека во светот многу социјални и заштитни системи функционираат врз основа на волонтери.
„Тие го даваат своето време, знаење, искуство, посветеност, без паричен надоместок, само заради тоа што сакаат да помогнат. Едно општество не може да функционира без солидарност. Токму затоа сметам дека волонтерството, како алка во целиот систем е многу важно. Овие граѓани се за посебна почит, денес им оддаваме таква почит“, нагласи Царовска.
Саит Саити, генералниот секретар на Црвениот крст на Македонија, наведе дека волонтерите и волонтеризмот претставуваат една категорија луѓе кои поседуваат огромен капацитет и потенцијал, пред сѐ, човечки.
Тој истакна дека Црвениот крст минатата година помогнал на над 20 илјади луѓе кои биле погодени од последици од катастрофи и на над 10 илјади социјално ризични семејства.
„Нивната активност придонесува за создавање покохезивни заедници во државата. Сето тоа помага во дистрибуцијата и ширењето на солидарноста помеѓу луѓето“, рече Саит Саити.
Волонтерството е доброволно давање услуги инспирирано единствено од слободната волја, а не од желбата за материјална или финансиска добивка, со цел намалување на ранливоста на населението, во согласност со принципите на Црвениот крст и Црвената полумесечина.