Husamedin Gina
15 Април 2019•Ажурирај: 17 Април 2019
СКОПЈЕ (АА) – „Согласно податоците на Црвениот крст на Македонија, некаде околу 22,2 проценти од вкупното население во Македонија се смета за сиромашно“, истакна Саит Саити, генералниот секретар на Црвениот крст на Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Црвениот крст во соработка со Здружението „Сите сити“ денеска организираше прес-конференција по повод започнувањето на традиционалната „Недела на солидарност“, која годинава се одбележува од 15 до 21 април под мотото „Вашиот прилог – значајна помош“.
Во рамки на акцијата „Нахрани 10.000“, во бројни градови на Северна Македонија сите хумани граѓани и компании ќе може да донираат храна и парични средства.
На прес-конференцијата, генералниот секретар на Црвениот крст на Македонија, Саит Саити, нагласувајќи дека според официјалните податоци што ги поседуваат некаде околу 22,2 проценти од вкупното население во Македонија се смета за сиромашно, рече дека неблагодарно е да се прогнозираат бројки бидејќи во Македонија немаме попис на населението од 2001 година.
„Сиромаштијата не подразбира само немање на храна. Може да зборуваме и за културна сиромаштија, економска сиромаштија и за материјална сиромаштија. Имајќи ги предвид сите овие фактори, нашите податоци покажуваат дека бројката на сиромашни е 22 отсто“, рече Саит Саити.
Блаже Јосифовски од невладината организација „Сите сити“ истакна дека за жал, има пораст на бројките на сиромаштија во Македонија од околу еден процент и додаде дека во 2017 година 460.000 лица се наоѓаат под прагот на сиромаштијата.
„Според бројките што ги користиме како организација „Сите сити“ од Државниот завод за статистика, можеме да кажеме дека во 2017 година 460.000 илјади во Македонија имаат проблем да ги обезбедат сите оброци во текот на денот. Претходно, бројките велат дека имало 435.000 граѓани. Значи зголемувањето е за некој еден процент“, нагласи Јосифовски, изразувајќи надеж дека во рамките на акцијата ќе биде донирано доволна количина храна за да може да се задоволат дел од месечните потреби на граѓаните.
Во светски рамки, во сиромаштија живеат 2 милијарди луѓе, 750 милиони во екстремна сиромаштија, а 800 илјади во хронична глад.