Husamedin Gina
16 Март 2022•Ажурирај: 17 Март 2022
СКОПЈЕ (АА) – Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи и генералниот секретар на Црвениот крст, Саит Саити, во присуство на амбасадорката на Украина во земјава, Наталија Задоружњук, денеска организираа хуманитарен настан за собирање помош за Украина, јавува Агенција Анадолија (АА).
По потпишување на Меморандумот за соработка помеѓу Министерството за надворешни работи и Црвениот крст на Република Северна Македонија за поефикасна координација за собирање помош за Украина, министерот Османи, генералниот секретар на Црвениот крст, Саити, амбасадорката на Украина и претставниците на Сојузот на стопанските комори на Северна Македонија дадоа изјави за медиумите.
Истакнувајќи дека денеска се во целосна мобилизација со цел да им се помогне на оние на кои во моментот помошта им е најнеопходна и најпотребна, Османи рече дека тоа се украинскиот народ и украинските граѓани кои се жртва на неиспровоцираната агресија од страна на Руската Федерација.
„Денес во Украина гинат цивили, гинат деца, жени, гинат болни од бомбардираните болници, од недостиг на храна, вода, лекови... Ова е важно не само за Украина, украинските граѓани, украинските цивили, туку и за нас кои ги помниме трагедиите од војните во овој регион пред само 20 години“, нагласи Османи.
Тој исто така додаде дека сензитивноста е поголема од сите останати за да се покаже солидарност и да се излезе во пресрет на луѓето кои имаат потреба од помош.
Амбасадорката на Украина, Наталија Задоружњук, заблагодарувајќи се на институциите, претпријатијата, компаниите за оваа акција, рече дека Русија води војна со целиот цивилизиран демократски свет и дека Украина се наоѓа на предната линија на оваа војна.
„Многу ни е тешко, Русија сака да ја уништи Украина, да ја уништи демократијата, слободата во близина на своите граници. Но ние се бориме и ќе се бориме бидејќи се наоѓаме на нашата земја и целиот цивилизиран свет е со нас“, рече амбасадорката Задоружњук.
Таа, исто така, додаде дека како амбасадорка на Украина е благодарна на, како што рече, „пријателската Република Северна Македонија за јасната поддршка на Украина“.
Генералниот секретар на Црвениот крст, Саит Саити, информира дека досега околу 2.734.000 денари се собрани на сметките на Црвениот крст за помош на Украина.
„Црвениот крст и понатаму ќе биде проактивен поради големиот интерес што го има од граѓаните. Нашата кампања во однос на собирањето средства продолжува до 15 април, секако дека ќе продолжиме и понатаму“, рече Саити.
Саити, исто така, нагласи дека од Украина во земјава се дојдени 51 граѓанин и дека моментално најмногу е потребна помош од храна, производи за хигиена и вода, санитетски материјали.
Претставниците на Сојузот на стопанските комори на Северна Македонија, исто така истакнаа дека максимално ќе се ангажираат за собирање помош за граѓаните на Украина.