Bojana Stojanovic
04 Декември 2018•Ажурирај: 05 Декември 2018
БЕЛГРАД (АА) - Потребна е соработка на сите земји, но и на сите актери во општеството за да се пронајдат иновативни решенија за намалување на загадувањето во Југоисточна и Јужна Европа, но и на остатокот од светот, се вели денес на отворањето на Меѓународната конференција на оваа тема во Белград, јавува Anadolu Agency (AA).
На конференцијата „Иновативни решенија за намалување на загадувањето во Југоисточна и Јужна Европа“ во Белград, министерот за заштита на животната средина на Србија, Горан Триван, наведе дека е среќен што денес и утре Србија ќе биде центар за регионално, европско и светско размислување за иновативни решенија.
„Се собравме за заеднички да ги најдеме одговорите за проблемите со загадувањето на животната средина, кои сите нѐ поврзуваат“, изјави тој.
Триван оцени дека ова е одличен момент земјите што повеќе да се поврзат, а со цел донесување нови решенија во оваа област, и дека „минатото нѐ опоменува да не му ја одземаме иднината.“
„Сакам уште еднаш да ве охрабрам и поттикнам сите вас да се здружиме, бидејќи здружената регионална енергија помага да го продолжиме истиот пат кон добра економија, просперитет и одржлив развој“, наведе тој.
Сатја Трипати од канцеларијата на ОН за заштита на животната средина во Њујорк укажа на важноста на одржувањето на оваа конференција во Белград.
„Иако е точно дека Белград е еден од почистите градови, и понатаму може многу да се направи, не само во Белград туку и во остатокот на Југоисточна Европа. Загадувањето ги претставува новите цигари и чадот од тутун на нашето време. Десетици милиони лица низ светот секој ден трпат од загадувањето“, изјави тој.
Трипати наведе дека мора да се придонесе за преземање итни мерки за целиот овој регион, за да се тргне во правец на обезбедување на земјата од загадувањето.
Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, истакна дека Србија го препознава значењето на споменатата тема, како на национално, така на регионално, но и на глобално ниво.
Говорејќи за соработката на глобално ниво во областа на животната средина, тој укажа на важноста на Обединетите нации, особено на Програмата за животна средина на ОН (УНЕП), како најзначаен меѓународен мултилатерален механизам за воспоставување и развивање на соработка во оваа област.
„Во текот на изминатиот период Програмата за животна средина на ОН даде недвосмислен придонес за унапредување на глобалните политики и заштитата на животната средина, како и во усвојувањето на голем број декларации и иницијативи“, наведе Дачиќ.
Тој особено ја нагласи важноста на понатамошното ангажирање на министрите на земјите членки во процесот на дефинирање на Министерската декларација и на предлог-резолуциите за претстојното заседание на Собранието на УНЕП, кое ќе се одржи во 2019 година, на тема „Иновативни решенија за предизвиците во областа на заштитата на животната средина и одржлива потрошувачка и производство“.
„Имајќи го предвид фактот дека успехот на спроведувањето на планираните цели во голема мера ќе зависи од изворите и механизмите на финансирање, веруваме дека е неопходно да се обезбеди еднаков пристап до глобалните и регионалните извори на финансирање, што ќе биде една од главните теми на оваа конференција. Наоѓање нови и иновативни извори на финансирање, јавно-приватни партнерства, вклучувајќи го и поттикнувањето мерки што треба да ги обезбедат државите, се некои од отворените прашања на кои треба да се одговори, пред сè, во рамките на системот на ОН“, заклучи Дачиќ.
Дводневната Конференција, организирана од Министерството за заштита на животната средина и Програмата за животна средина на ОН (УНЕП), со поддршка на Министерството за заштита на животната средина, копно и море на Италија, посветена е на наоѓање иновативни решенија за намалување на загадувањето, со истовремено разгледување на бројните предизвици и ризици, кои ги претставува загадувањето за регионот.
На овој собир присуствуваат највисоките претставници на земјите на Јужна и Југоисточна Европа за оваа област, меѓу кои и заменик-министерот за животна средина и просторно планирање на Република Македонија, Јани Макрадули, како и заменик-министерот за животна средина и урбанизација на Турција, Мехмет Емин Бирпинар.