Stipe Majic
04 Декември 2018•Ажурирај: 04 Декември 2018
ЗАГРЕБ (АА) - Вечерва во Загреб започна состанокот на врвот на Средноевропската иницијатива, чиј домаќин е хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, што се одржува денес и утре, 3 и 4 декември, јавува Anadolu Agency (AA).
Пленковиќ вечерва на свечената вечера ги пречека учесниците на состанокот, а во текот на двата дена ќе бидат одржани низа билатерални средби.
Утре ќе се одржи бизнис-форумот на Средноевропската иницијатива под називот „Со иновации до конкурентност“, во организација на Хрватската стопанска комора, а потоа хрватскиот премиер Пленковиќ ќе претседава со состанокот на врвот на Средноевропската иницијатива на тема „Изградба на безбедноста, јакнење на стопанството, овозможување на напредокот“.
Хрватска претседава со Средноевропската иницијатива од 1 јануари до 31 декември 2018 година, што е вторпат по 1998 година. Една од главните цели на претседавањето е јакнењето на темелната ориентираност на Средноевропската иницијатива - пружањето поддршка на европската перспектива на државите-членки на Иницијативата кои сакаат да станат членки на Европската Унија.
Средноевропската иницијатива е еден од најстарите форуми за регионална соработка во средна и источна Европа. Основана е во 1989 година во Будимпешта, и во неа членуваат осумнаесет држави: Австрија, Белорусија, Македонија, Босна и Херцеговина, Албанија, Бугарија, Црна Гора, Чешка, Хрватска, Италија, Унгарија, Молдавија, Полска, Романија, Словачка, Словенија, Србија и Украина.
Најважните стратешки цели на Средноевропската иницијатива се поддршката на земјите-членки на нивниот пат кон евроинтеграциите, поттикнување на усогласувањето на земјите-членки на Средноевропската иницијатива со стандардите на ЕУ, како и имплементација на малите и средно големи проекти.