Stipe Majic
25 Февруари 2020•Ажурирај: 26 Февруари 2020
ЗАГРЕБ (АА) - Првиот случај на коронавирус во Хрватска го потврди хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, кој одржа вонредна прес-конференција со министрите на оваа тема, јавува Агенција Анадолија (AA).
„Во 11:50 часот е потврден првиот случај на коронавирус кај хрватски државјанин кој престојувал во Милано и кој има благи знаци на болеста“, потврди хрватскиот министер за здравство, Вили Берош, додавајќи дека станува збор за пацинет на млада возраст кој престојувал во Италија од 19 до 21 февруари.
„Добро е што навреме го подигнавме нивото на готовност и навремено бевме ангажирани“, рече Пленковиќ, и порача дека хрватската јавност за сè ќе биде навреме информирана.
„Ќе се концентрираме на контактите што ги имало момчето“, истакна Берош, и најави дека Хрватска го подигнува нивото на готовност во борбата против вирусот на повисок степен.
„Болеста е слична на обичниот грип и не се очекува боледување поголемо од инфекцијата со грип“, рече министерот за здравство.
Берош денеска ќе ја посети Италија и Рим со цел да се запознае со начинот на кој Италија го спречува ширењето на вирусот во земјата и да оствари што подобра комуникација со соседните земји.
Министерот за внатрешни работи, Давор Божиновиќ, рече дека хрватската полиција е подготвена за преземање на сите потребни вонредни мерки, како на граничните премини, така и во остатокот од земјата, по примерот на европските земји како Франција, Велика Британија, Германија и други, кои успешно го сузбија брзото ширење на вирусот.
За девет хрватски граѓани кои пристигнаа од Италија и кои се наоѓаат во карантин во Риека, сè уште нема резултати од тестовите.