Admir Fazlagic
25 Февруари 2020•Ажурирај: 25 Февруари 2020
СКОПЈЕ (АА) - Владата на Република Северна Македонија на денешната седница, врз основа на препораките на Кризниот штаб за справување со коронавирусот Ковид-19, на Министерството за здравство и на Управувачкиот комитет за координација и управување во системот за управување со кризи, донесе повеќе заклучоци од интерес за заштитата на јавното здравје и здравјето на граѓаните, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на Владата на Северна Македонија, на седницата е утврден заклучок, Министерството за здравство да формира постојан центар за информирање на јавноста во кој ќе бидат вклучени и Граничната полиција, Центарот за управување со кризи и Секторот за односи со јавноста во Владата.
„Овој центар ќе воспостави тесна соработка со медиумите во земјата и ќе има за цел да ги прибира сите релевантни информации, со цел навремено, точно и најсоодветно информирање на јавноста за превенција и заштита на населението од ширење на коронавирусот, како и за постапките и институционалната рамка во делот на лекувањето на последиците од вирусот“, се вели во соопштението.
Се додава дека Владата донесе заклучок да го ограничи влегувањето во земјата од кризните подрачја од северна Италија само преку аеродромите во Скопје и Охрид и граничните премини Ќафасан, Табановце, Блаце, Богородица и Деве Баир.
Владата му наложи на Министерството за здравство итно да набави соодветно количество заштитни средства (маски, ракавици, дезинфекциски средства и заштитна облека) за институциите од Системот за интегрирано гранично управување и за другите институции, со цел заштита на персоналот.
Исто така, Министерството за здравство треба итно да набави соодветно количество сапун и дезинфекциски средства за училиштата, детските градинки и јавните тоалети.
„Владата донесе одлука да ги задолжи сите основни и средни училишта, како и сите универзитети, да ги одложат сите предвидени патувања и екскурзии во Италија, и да организираат едукативни часови за превенција од коронавирусот, во соработка со локалната самоуправа и центрите за јавно здравје“, се вели во соопштението.
Меѓу заклучоците на Владата за превенција и за справување со опасностите, на граѓаните на земјата им се препорачува да не патуваат во Италија и во другите земји каде што е регистрирано поголемо присуство на коронавирусот.
„Меѓу заклучоците од 11-тата седница на Владата е и препораката до установите за згрижување на деца од предучилишна возраст да преземат мерки за соодветен третман за дезинфекција на обувките при влегување во градинките“, информираат од Владата.
Билансот на починати од новиот тип коронавирус (Ковид-19) во Кина порасна на 2.665 лица. Националната здравствена комисија на Кина објави соопштение во врска со последните случувања поради епидемијата на Ковид-19 во земјата, во кое се наведува дека во последните 24 часа починале 71 лице, додека откриени се нови 508 случаи.
Со тоа, бројот на лица кај кои е откриен овој вирус се зголеми на 76.288 лица, од кои 11.477 лица се наоѓаат во тешка здравствена состојба.