Abdula Berisha
16 Мај 2019•Ажурирај: 17 Мај 2019
СКОПЈЕ (АА) – Портпаролите на Владата на Северна Македонија, Миле Бошњаковски и Муамет Хоџа, одржаа заедничка прес-конференција на која информираа за донесените одлуки на 135. владина сендица, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот Бошњаковски рече дека Владата одобрила 18 концесии за мали хидроелектрични централи, додека 3 понуди биле одбиени.
Бошњаковски беше прашан за преговорите на Северна Македонија и Грција во врска со трговските марки, на што тој одговори дека договорот ќе биде врз основа на паритет, односно дека одлуката ќе важи исто за двете страни.
„Би ве потсетил на Договорот од Преспа во којшто е јасно утврдена рамката во која преговараат двете комисии, конкретно за трговските марки. Тоа што е исклучително важно, да потсетам, е дека се работи на паритетна основа и се работи во духот на добрососедство, пријателство“, рече Бошњаковски, додавајќи дека работата на оваа комисија ќе трае и дека ќе се одржат повеќе сесии.
Портпаролот Хоџа информираше дека со изборот на Стево Пендаровски за претседател на земјата, Владата утврди престанување на неговата претходна функција, национален координатор за подготовките на Северна Македонија за членство во НАТО.
„Владата заклучи дека до целосно полноправно членство на нашата земја во НАТО, обврските на националниот координатор за подготовките на земјата за членство во НАТО ќе ги преземе Дане Талески, советник за надворешна политика на претседателот на Владата на Северна Македонија“, рече Хоџа.
На прес-конференцијата исто така беше речено дека е усвоена информацијата за нивелирање на платите од областа на културата, при што 2.899 вработени ќе имаат зголемување на платите, почнувајќи од платата за месец април.