Husamedin Gina
17 Јули 2019•Ажурирај: 18 Јули 2019
СКОПЈЕ (АА) - Премиерот на Република Северна Македонија, Зоран Заев, на денешната прес-конференција најави дека од денеска почнува постапката за разрешување на директори и членови на надзорни и управни одбори во државните институции, јавува Anadolu Agency (AA).
На прес-конференцијата, премиеорот Заев рече дека директорите на МЕПСО, Електрани на Северна Македонија, Македонија пат, Државниот архив, се дел од високите функционери што ќе бидат предложени за разрешување на денешната владина седница заблагодарувајќи им се за нивниот досегашен ангажман од околу две години.
„Конечната порака на разрешувањата е дека никој не е непроменлив“, рече Заев и додаде дека граѓаните се неприкосновениот фактор којшто одлучува за промените со својата гласност, што допрело до нив по победата на претседателските избори.
„Но сигурен сум дека самите промени прво се здрави за државата и за самите институции, овие слабости, коишто се покажани, очекувам најмалку новите да не ги повторат. Но да испратат и порака кај тие што остануваат дека секако тоа ќе биде нешто коешто секако го следи и премиерот и Владата и јавноста“, рече премиерот, нагласувајќи дека промените се сестрани, од нереализацијата на капиталните инвестиции до блокирање на одредени процеси.
Владина реконструкција и смена на државни функционери беше најавена од премиерот Зоран Заев во текот на кампањата за претседателските избори одржани на 21 април и 5 мај оваа година. По изборите, Заев истакна дека ја примиле пораката од гласачите, односно дека се потребни промени во кадровската политика на власта.
Премиерот Заев на денешната прес-конференција одговараше и на новинарски прашања.
На новинарско прашање дали телефонски разговарал со шефицата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), Катица Јанева, пред да ѝ биде одземен телефонот поради истрагата за случајот „Рекет“, рече дека не се слушнал со Катица Јанева, и порача дека стои зад шефицата на СЈО, Катица Јанева, сè додека не се докаже дека таа е инволвирана во криминал.
Пред неколку дена специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, соопшти дека поднесува неотповиклива оставка од функцијата со образложение дека не сака нејзиното име да биде користено за меѓупартиски пресметки.
Оставката ќе важи кога политичките партии ќе се усогласат за новото законско решение и ќе изберат нејзин наследник.