Abdula Berisha
17 Јули 2019•Ажурирај: 18 Јули 2019
СКОПЈЕ (АА) - Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК) и Комората на медијатори го отворија првиот Центар за медијација според европски модел, јавува Anadolu Agency (AA).
На прес-конференција, претседателот на Комората на медијатори, Славко Младеновски, и потпретседателот на ССК, Александар Милошевски, ги објаснија предностите за компаниите со решавање на споровите преку медијација. Во Центарот за медијација ќе се организираат предавања, презентации и работилници на коишто деловната заедница ќе се информира за постапката за медијација.
Младеновски рече дека во наредниот период ќе се создадат повеќе центри во Северна Македонија, така што бизнис-заедницата ќе може да има полесен пристап до медијацијата.
„Центрите за медијација, всушност, претставуваат официјални места каде што медијаторот ќе врши запознавање на граѓаните и правните лица, со цел медијацијата да биде објаснета како постапка и кои се бенефитите за бизнисмените во решавањето на споровите“, рече Младеновски.
Преку илустрирање со конкретен пример, Младеновски рече дека ако на еден спор му е потребно најмалку една година да се реши на суд, по пат на медијација максималниот период за решавање е два месеци, а во најголем дел, случаите се решаваат преку медијација за една недела.
Милошевски рече дека покрај придобивките во време и финансиски средства за економските субјекти, со постапката за медијација во голема мера се намалува и работата на судовите.
„Непосредниот контакт помеѓу медијаторите и заинтересираните субјекти ќе им овозможи на истите да бидат запознаени со позитивни примери од користењето на медијацијата, која ќе го зголеми нивото на користење во одредени спорови и со тоа ќе се намали бројот на судски постапки кои се водат пред судовите“, рече Милошевски.
Законот за медијација актуелно предвидува задолжителен процес на медијација за економските спорови кои не надминуваат 1 милион денари, пред нивно поднесување на суд.
Претставниците на стопанските комори рекоа дека ќе се залагаат за проширување на опфатот на медијацијата и преку законски измени. За време на прес-конференцијата беше кажано дека Центарот за медијација ќе функционира во рамките на ССК.