Балкан

Чавушоглу се состана со премиерот на Северна Македонија, Заев

На средбата биле потврдени добрите пријателски односи помеѓу двете земји, особено во делот на економијата и е изразена определба за развој на соработката и за охрабрување на инвеститорите од Турција за нови инвестиции во Северна Македонија

Furkan Abdula  | 16.07.2019 - Обновена : 16.07.2019
Чавушоглу се состана со премиерот на Северна Македонија, Заев (Фото: Прес-служба на Влада на Северна Македонија)

СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, придружуван од Бујар Османи, вицепремиерот задолжен за европски прашања и Елвин Хасан, министер без ресор задолжен за странски инвестиции, имаше работен ручек со министерот за надворешни работи на Република Турција, Мевлут Чавушоглу, придружуван од турска делегација и од Тулин Еркал Кара, амбасадорката на Турција во Скопје, пренесува Anadolu Agency (AA).

Според соопштението на Владата, на средбата биле потврдени добрите пријателски односи помеѓу двете земји, особено во делот на економијата и е изразена определба за развој на соработката и за охрабрување на инвеститорите од Турција за нови инвестиции во Северна Македонија.

Во соопштението се нагласува дека на состанокот биле поздравени постигнувањата на Северна Македонија на планот на интеграциите и биле изразени честитки за затворањето на билатералните прашања со соседите.

Според соопштението, изразена е поддршка за отворениот пат на Северна Македонија кон НАТО и кон ЕУ, а биле пренесени и поздрави од турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган до премиерот Заев. 

Во ова соопштение се истакнува дека Заев ја потврдил поканата од претседателот на државата, Стево Пендаровски, за посета на турскиот претседател Ердоган на Северна Македонија. 

„Овој интеграциски процес има за цел да донесе економски бенефити за граѓаните. Затоа, посветено работиме на интеграциите во НАТО и ЕУ, но силно сме насочени и кон економијата и на мерките што ќе донесат директни финансиски придобивки за граѓаните. Република Турција е голем пријател и економски партнер на нашата земја и во таа насока гледаме можности да ја продлабочиме соработката“, рече Заев, се наведува во соопштението. 

На работниот ручек било констатирано дека реформите во судскиот систем и функционирањето на правната држава се од значење и за граѓаните на земјава и за европските перспективи, а разговарано е и за добрата соработка во образованието и за можностите за соработка во областа на енергетиката. 

Чавушоглу во текот на денот се сретна и со вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи и министерот за надворешни работи на земјата, Никола Димитров.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.