Балкан

Харадинај: „Ангажирањето на Макрон може да ја врати Србија во дијалогот“

„Мислам дека улогата на Франција и на претседателот Макрон расте, ја поздравувам таа улога и мислам дека ова ангажирање би можело да ја врати Србија на маса, дури и без укинување на таксите“

Zülfiya Yakup  | 16.07.2019 - Обновена : 17.07.2019
Харадинај: „Ангажирањето на Макрон може да ја врати Србија во дијалогот“ Фото: Erkin Keçi/АА

ПРИШТИНА (АА) - Премиерот на Косово, Рамуш Харадинај, денеска повтори дека таксите од 100 отсто за увоз на стока од Србија може да се укине во замена за признание на државноста на Косово од страна на Србија, јавува Anadolu Agency (AA).

Премиерот Харадинај, зборувајќи за состанокот на францускиот претседател Емануел Макрон со српскиот колега Александар Вучиќ во Белград, му се заблагодари на Макрон за изразувањето на искреноста кога тој рече дека Косово и Србија се европски земји.

Одговарајќи на прашањата на новинарите по состанокот со делегацијата на Велика Британија во зградата на Владата на Косово, Харадинај го прокоментира барањето на Макрон за постигнување компромис меѓу Косово и Србија, велејќи дека компромисот е логичен совет. Тој истакна дека за Косово една од опциите за овој компромис би можела да биде укинување на таксите во замена за признание од Србија.

„Компромис е доколку ги укинеме таксите во замена за признание. Значи, не дека ние не правиме компромис... тоа е голем компромис. Компромисот би можел да биде укинување на таксите и воспоставување други трговски односи. Она што го бараше Косово е многу основано. Баравме рамковен договор за заемно признавање во постоечките граници со придружни елементи. Овој рамковен договор би требало да биде рамка за која преговараме и не постои ништо друго, освен она што го претставува. Двоумењето е дека Србија или дел од меѓународната заедница велат оти не можеме да именуваме заедничко признавање во постоечките граници“, изјави Харадинај.

Харадинај изјави дека Косово нема зошто да седнува на маса со Србија без рамковен договор кој се вика заемно признание во постоечките граници. Меѓутоа, изрази оптимизам дека улогата на Франција во оваа област би можела да ја промени состојбата.

„Мислам дека улогата на Франција и на претседателот Макрон расте, ја поздравувам таа улога и мислам дека ова ангажирање би можело да ја врати Србија на маса, дури и без укинување на таксите“, изјави Харадинај.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.