Admir Fazlagic
16 Јули 2019•Ажурирај: 16 Јули 2019
СКОПЈЕ (АА) - Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, оствари средба со министерот за надворешни работи на Република Турција, Мевлут Чавушоглу, во рамки на посетата на Северна Македонија, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Традиционално блиските пријателски односи меѓу двете земји се вистински пример за градење на стратешко партнерство, и во таа смисла, со задоволство можам да кажам дека со ратификацијата на Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО од страна на Големото народно собрание, Турција ја докажа долгогодишната поддршка на нашата земја на нејзиниот пат кон европската и евроатлантската интеграција“, истакна Османи, соопшти Секретаријатот за европски прашања на Северна Македонија.
Во соопштението се додава дека во продолжение на средбата, двајцата соговорници разговарале за билатералната соработка и можностите за нејзино продлабочување во иднина, во рамки на долгогодишното стратешко партнерство, а биле отворени и темите поврзани со европската интеграција и перспективите на земјава во претстојниот период, во очекување на почетокот на преговорите во октомври.
„Османи и Чавушоглу разменија мислења и за состојбите во регионот, посочувајќи дека успехот во надминувањето на отворените прашања на Северна Македонија со соседите е светол пример на Балканот кој треба да биде мотив и поттик и за останатите балкански земји“, се додава во соопштението.
Шефот на турската дипломатија, Мевлут Чавушоглу, денеска во Скопје се состана со министеорот за надворешни работи на Северна Македонија, Никола Димитров, а по средбата одржаа заедничка прес-конференција. Во рамките на посетата на Северна Македонија предвидена е и средба на Чавушоглу со премиерот Зоран Заев.