политика

Владата на Северна Македонија го разгледа Извештајот на ЕК

Владиниот портпарол рече дека Владата го задолжи Секретаријатот за европски прашања да подготви план за реализација на краткорочните приоритети

Abdula Berisha  | 06.06.2019 - Обновена : 07.06.2019
Владата на Северна Македонија го разгледа Извештајот на ЕК

СКОПЈЕ (АА) - Портпаролот на Владата на Северна Македонија, Муамет Хоџа, одржа редовна прес-конференција на која информираше за донесените одлуки на редовната 138. владина седница, јавува Anadolu Agency (AA).

Хоџа истакна дека Владата ја разгледала информацијата за клучните наоди и препораки од Извештајот на Европската комисија (ЕК) за 2019 година, и дека ги усвоила заклучоците што ги предложи Секретаријатот за европски прашања.

„Согласно заклучоците, Владата на Република Северна Македонија го задолжи Секретаријатот за европски прашања да подготви план за реализација на краткорочните приоритети од Извештајот на Европската комисија и веднаш да ја достави деталната анализа и планот за динамика на ревизијата на Националната програма за усвојување на правото на ЕУ“, рече Хоџа.

Тој, исто така нагласи дека Владата ја усвоила одлуката за висината и начинот на наплата на надоместокот за употреба на пат, која се однесува на воведување наплата на патарина на новите автопатни правци Демир Капија - Гевгелија, Миладиновци - Свети Николе и Свети Николе – Штип.

Како што истакна Хоџа, оваа одлука се надоврзува и на можноста за електронска наплата на патарината со електронски безконтактни смарт-картици.

Владиниот портпарол исто така информираше дека процедурата за изградба на новиот Клинички центар во општина Ѓорче Петров тече според предвидената динамика, додавајќи дека Владата дала согласност за изработка на нов Урбанистички план, според кој земјоделското земјиште се пренаменува во градежно земјиште.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.