Ivana Ramadanova
17 Април 2018•Ажурирај: 18 Април 2018
СКОПЈЕ (АА) - „Не беше лесно, работеа сите заедно, Парламентот ги донесе неопходните закони, а Владата ја смени својата политика“. Вака евроамбасадорот Самуел Жбогар, на денешната прес-конференција, им честиташе на граѓаните за препораката за почеток на преговорите за членство во Европската Унија (ЕУ), јавува Anadolu Agency (AA).
Жбогар пред присутните соопшти дека земјата конечно ги има надминато најтешките политички кризи од 2011 година до мај 2017, истакнувајќи дека новата влада ориентирана кон реформи, има превземено одредени чекори за да го адресира прашањето на „заробена“ држава преку контролните механизми за зацврстување на демократијата и владеењето на правото.
„Потребна е соработка помеѓу позицијата и опозицијата, со што парламентот ќе се осигура дека нема да се повторат насилните инциденти од 27 април. Додека меѓуетничката ситуација во државата е кршлива, Владата ја има својата заложба да ја зголеми довербата кај сите меѓуетнички заедници, а тоа исто така е содржано и преку усвојувањето на Законот за јазиците“, истакна Жбогар.
Евроамбасадорот порача дека е потребно подобро функционирање на судството и на јавната администрација, односно, неопходни се заложби за професионална и транспарентна јавна администрација, додавајќи дека политичарите треба да ги пуштат институциите да работат независно.
Додаде дека се очекува реформите да продолжат и да се продлабочуваат, како што е наведено и во препораките, за да можат земјите членки да бидат убедени за отпочнување на преговорите.
На прашањето како Европската комисија ќе испорача за Македонија доколку не се реши спорот за името, сега, откако земјите постигнаа напредок и добија препорака, амбасадорот Жбогар нагласи дека името во самиот Извештај е дефинирано како нешто што треба итно да се реши.
Извештајот, како што додаде еврокомесарот, исто така ги разгледува односите во рамките на Стратегијата за Западен Балкан, додавајќи дека покрива подолг период од 16 октомври до февруари 2017 година, давајќи одраз на некои од развојните активности, а воедно го покрива и прашањето на имплементација на ургентните реформски приоритети.