Admir Fazlagikj
26 Јуни 2017•Ажурирај: 27 Јуни 2017
СКОПЈЕ (АА) - Институтот за јавно здравје на Република Македонија, излезе со општи препораки за заштита од високите температури поради тоа што Македонија е зафатена од жолтата фаза, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Граѓаните да се заштитат од директно изложување на Сонце, да избегнуваат излегување надвор од 11 до 17 часот, да носат лесна облека, заштитни очила и капа, да конзумираат лесна храна и пијалоци, да обрнат внимание на подготвувањето и конзумирањето на храната, да се избегнуваат термички подготвени производи, како на пример мајонез од домашни јајца и внимателно да се конзумира сладолед и разни кремови, да внесуваат поголема количина течности, најдобро обична вода и да избегнуваат алохолни пијалоци", велат од Институтот за јавно здраво на Република Македонија, соопштувајќи дел од општите препораки поради тоа што земјава е зафатена од жолтата фаза.
Се препорачува за време на овие многу топли денови да се остане во затворени простории главно климатизирани, а кога е потребно да се биде надвор за овој временски период, да најдат можност за почести одмори под сенка.
Најзасегнати пациенти од зголемувањето на температурите се болните со хипертензија, срцеви болести, бронхијална астма, хроничен бронхитис, опструктивна хронична пнеумопатија, дијабетес, тиреотоксикоза, инсуфициенција на бубрезите, ментални и нервни болести, како паркинсонова, алцхајмерова болест, шизофренија, деменција и слично.
Од Институтот за јавно здравје укажуваат дека се можни гастро-интестиналните инфекции и интоксикациите со храна. Инфекциите од храната, се предизвикуваат од салмонела, шигела итн, како на ниската лична хигиена, од јадење на неподготвен зеленчук, неподготвена или неправилно конзервирана храна како: месо, јајца, салами, морски плодови, млеко, салати ...
Меѓу другото, оттаму информираат дека топлото време го зголеми и бројот на здравствените прегледи во здравствените установи во Македонија.
Инаку, според Управата за хидрометеоролошки работи времето во Македонија ќе биде сончево и многу топло. Попладне на повеќе места ќе има услови за појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи, не е исклучено локално овие процеси да бидат и поинтензивни. Ќе дува слаб ветер од јужен правец.
Минималната температура ќе се движи во интервалот од 11 до 20 степени, а дневната од 30 до 37 степени. Ултравиолетовото зрачење ќе биде многу високо, а вредноста на УВ индексот ќе изнесува 9.