Ekip
12 Март 2020•Ажурирај: 17 Март 2020
АНКАРА
Коронавирусите понекогаш го напаѓаат респираторниот систем, а понекогаш предизвикуваат болести на дигестивниот систем. Тие во респираторниот систем покажуваат симптоми на настинка, предизвикувајќи инфекции и пневмонија, пишува Агенција Анадолија (АА).
Овие болести претежно кај луѓето ретко се среќаваат, но некои коронавируси можат да предизвикуваат сериозни заболувања. Таков пример се коронавирусот САРС (тежок акутен респираторен синдром), кој во 2003 година се појави во Кина, и вирусот МЕРС (респираторен синдром на Блискиот Исток), кој во 2012 година беше детектиран во Саудиска Арабија.
Вирусот кој може да се сретне кај некои животни, од животните може да биде пренесен на луѓето и на тој начин да се рашири. Пренесувањето на вирусот на луѓето зависи од повеќе фактори, како што се мутацијата на вирусот или контактот со животни. Така на пример, вирусот МЕРС е последица на контакт на луѓето со делови од телото на камила или пиење сурово млеко од камила, додека епидемијата на вирусот САРС е последица на контакт со мачките од видот вивериди (вид мачки кои живеат во јужна и југоисточна Азија). Засега не е откриено од кое животно новиот тип коронавирус е пренесен на луѓето.
Новиот тип на коронавирус е вирус кој предизвикува инфекција на респираторниот систем, а за првпат се појави кон крајот на минатата година во кинескиот град Вухан.

Како се пренесува?
Генерално е прифатено дека новиот тип коронавирус се пренесува преку капките што луѓето ги исфрлаат во етерот при кашлање или кивање.
Ризична група луѓе кои се подложни на можна инфекција од новиот тип коронавирус се луѓето што имаат близок контакт со животни, семејствата на инфицираните лица и здравствените работници. Важно е придржување кон правилата за хигиена, од аспект да не дојде до инфицирање и понатамошно пренесување на вирусот на други лица.
Како да се заштитиме?
Според хигиенските правила, за време на кашлање или кивање потребно е устата и носот да се покријат со шамиче за една употреба. Доколку немате шамиче, се препорачува да го користите внатрешниот дел од својот лакт за да ги покриете устата и носот. Хигиената на рацете е многу важна.
Потребно е често миење на рацете со сапун и вода. Рацете треба да се мијат со вода и сапун најмалку 20 секунди. Доколку нема услови за миење на рацете со вода и сапун, тогаш треба да се користи антисептик за раце кој содржи алкохол. Рацете треба да се мијат и по контакт со животни.
Потребно е затворените простории често да се проветруваат. Храната пред консумирањето добро да се измие. Производите од животинско потекло пред да се консумираат треба да бидат термички обработени. Во исто време треба да се храниме здраво и урамнотежено со цел да го зацврстиме имунолошкиот систем. Многу е важно со нечисти раце да не се допираат устата, носот и очите. Треба да се избегнува ракување и гушкање и колку е што е можно да се биде подалеку од средини со поголем број луѓе.
Што да се направи доколку постојат симптоми?
Симптомите на коронавирус може да бидат благи или сериозни. Покрај температурата и кашлицата, кај оние кои се потешко заболени се јавува недостаток на здив, пневмонија и откажување на бубрезите.
Сите оние што имаат температура, кашлаат и имаат потешкотии со земањето здив или доколку доаѓате од една од земјите во која последните 14 дена е детектиран вирусот Ковид-19, тогаш е потребно да ставите хируршка маска на лицето и да заминете во најблиската здравствена установа, каде што ќе бидете прегледани и со здравствените работници ќе ги споделите своите информации за претходните патувања и средби.
Постои ли лек за лекување на новиот тип коронавирус?
Засега нема специјален третман за новиот тип коронавирус. Во зависност од општата состојба на пациентот се применува потребниот придружен третман.