Zehra Nur Düz
12 Март 2020•Ажурирај: 12 Март 2020
ИСТАНБУЛ (АА) - Бројот на починати од коронавирусот во Иран се зголеми на 429, јави иранската државна телевизија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Властите објавија дека 75 лица починале во изминатите 24 часа, додека откриени се 1.075 случаи на вирусот, при што вкупниот број потврдени случаи изнесува 10.075“, истакна во изјава портпаролот на Министерството за здравство, Кијануш Џиханпур.
„Вкупо 3.276 лица се отпуштени од болница откако закрепнаа од вирусот“, додаваат властите.
Турција, која има само еден потврден случај на коронавирусот, ги затвори своите граници и ги прекина летовите кон Иран минатиот месец.
Покрај Кина, Италија и Јужна Кореја, Иран е една од земјите кои се најмногу погодени од епидемијата на вирусот кој се појави во декември минатата година.
Како дел од своите напори за спречување на ширењето на вирусот, Техеран презеде неколку мерки, вклучително и затворање на сите училишта и институции за високо образование, откажување на спортски настани и забрана за владини претставници да ја напуштат земјата.
Коронавирусот, официјално познат како Ковид-19, за првпат беше откриен минатиот декември во Вухан, Кина, но оттогаш се прошири во над 114 земји.
Според СЗО, од коронавирусот досега починаа над 4.600 лица, а во над 114 земји во светот се регистрирани над 125.000 потврдени случаи со вирусот.
Светската здравствена организација (СЗО) прогласи глобална пандемија.