Admir Fazlagic
20 Октомври 2017•Ажурирај: 21 Октомври 2017
СКОПЈЕ (АА) - Институтот за јавно здравје на Република Македонија соопшти дека три нови случаи на мали сипаници се регистрирани во текот на изминатата недела (од 14 до 20 октомври) во земјава, со што вкупниот број заболени, заклучно со денеска е 17, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Од вкупниот број на заболени, 10 лица живеат во населбата Маџари-Кванташка депонија, две лица се од Чаир, а по едно лице е регистрирано во село Сопиште, населба Шуто Оризари и село Кондово. Едно од пријавените заболени деца е државјанин на Косово. Едно лице од новопријавените во последната недела е со место на живеење во Прилеп, на привремена работа во Скопје", соопшти Институтот за јавно здравје.
Како што се наведува во нивното соопштение, од заболените, два случаи се на возраст под една година, кога не подлежат на задолжителна вакцинација против мали сипаници. Седум заболени се на возраст од една до четири години, а три се над 30-годишна возраст (едно лице од возрасната група од 30-39 години и две лица од 40-49 години). На возраст од пет до девет години има две лица и по едно лице припаѓа на возрасните групи од 10-14 години, 15-19 години, 20-29 години.
Симптомите на првиот пријавен случај од мали сипаници се јавиле на 15 септември. На 25 септември Центарот за јавно здравје Скопје пријави епидемија на мали сипаници на територијата на скопската општина Гази Баба-Кванташка депонија.
Од 17 регистрирани случаи, 16 се лабораториски потврдени, а еден е клинички и епидемиолошки поврзан случај.
На Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби во Скопје биле хоспитализирани 13 лица од заболените, едно лице било хоспитализирано на Клиниката за детски болести. Само кај два случаи биле регистрирани компликации во вид на пневмонија.
Сите случаи се потврдени во лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика на Институтот за јавно здравје – референтна лабораторија за мали сипаници и рубеола, според препораките на СЗО.
Меѓудругото, од Институтот за јавно здравје на Македонија информираат дека во текот на оваа недела пријава за мали сипаници добиле и од една приватна скопска болница. Како што информираат, болеста била забележана кај 15 месечно детенце од Косово, но родителите одбиле да дадат биолошки материја за да се потврди заразата. Детето истиот ден се вратило во Косово.
Инаку, од 25 септември до 13 октомври на територијата на Република Македонија биле вакцинирани 8.095 лице со МРП вакцина, од нив 2.552 со прва доза, а 5.450 со втора доза кај училишните деца, се наведува во извештајот на Институтот за јавно здравје на Република Македонија.
- На Косово забележани 163 случаи на мали сипаници
Националниот институт за јавно здравје на Косово соопшти дека во Косово се пријавени вкупно 163 случаи на зараза на мали сипаници меѓу кои се деца кои не се вакцинирани, додека на почетокот на септември месец оваа година, биле пријавени 44 случаи.