Балкан

Два случаја на мајмунски сипаници потврдени во Северна Македонија

- Институтот за јавно здравје најави дека ќе продолжи да ја следи состојбата и информира дека во моментов нема простор за паника бидејќи брзо и навреме институционално се преземаат сите потребни мерки.

Shpetim Hiseni  | 23.05.2025 - Обновена : 23.05.2025
Два случаја на мајмунски сипаници потврдени во Северна Македонија

СКОПЈЕ (АА) - Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) објави дека првпат во Северна Македонија лабораториски се потврдени два случаја на мајмунски сипаници, пренесува Анадолу.

Од ЈЗУ Институт за јавно здравје вчера информираа дека од Клиниката за кожни болести им биле упатени двајца пациенти суспектни за мајмунски сипаници и наедно било упатно назначено да се направи испитување и за ХИВ, сифилис и херпес.

„Институтот за јавно здравје изврши лабораториски испитувања на три различни начини со што лабораториски се потврдија два случаја на monkeypox - мајмунски сипаници. Бидејќи првпат во нашата држава лабораториски се потврдени monkeypox - мајмунски сипаници, после добиените резултати, веднаш се реагираше брзо, се презедоа соодветни мерки и се известија надлежните институции, Министерството за здравство, Клиниката за кожни болести, Инфективната клиника и други“, истакнаа од Институтот.

Во согласност со протоколите по добиеното известување докторот што ги примил пациентите ги информирал за добиените резултати. Потоа следувала епидемиолошка анкета од епидемиолози од Институтот за јавно здравје.

Стручни лица епидемиолози од ИЈЗ се вратени на работа и пристапија кон епидемиолошко анкетирање на двете лица за да се добијат податоци што би биле исклучително важни за натамошно постапување. Анкетата сѐ уште е во тек. На позитивните пациенти ќе им биде препорачано да се јават на Инфективна клиника, информираа од ИЈЗ.

Институтот за јавно здравје најави дека ќе продолжи да ја следи состојбата и информира дека во моментов нема простор за паника бидејќи брзо и навреме институционално се преземаат сите потребни мерки.

ОД ИЈЗ нагласија дека се мобилизирани сите институционални капацитети за надминување на последиците од ваквата појава и оти се преземаат сите превентивни мерки.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.