Bojana Stojanovic
03 Декември 2018•Ажурирај: 04 Декември 2018
БЕЛГРАД (АА) - Србија нема да ја признае независноста на Косово, изјави вечерва српскиот претседател Александар Вучиќ, истакнувајќи дека ако Приштина не се вразуми во најкраток можен рок, последиците ќе бидат катастрофални, јавува Anadolu Agency (AA).
Тој реагираше и на изјавата на косовскиот премиер Рамуш Харадинај, дека Косово нема да ја повлече стопроцентната царина за стоката од Србија, додека Србија не го признае Косово, но и на најавите дека на 14 декември ќе се формира војската на Косово.
Вучиќ на прес-конференцијата во Белград истакна дека со Србија така не се преговара.
„Нашите раце нема да бидат врзани, бидејќи сме втерани во ќош. Нам не ни преостануваат повеќе избори, нам ни останува да се бориме за мир, да објаснуваме во светот која е целта на Албанците, што е вистината“, изјави тој.
Српскиот претседател оцени дека формирањето војска на Косово е „спротивно на нивниот Устав, на сите договори со НАТО и спротивно барем на јавно прокламираните желби на некои големи сили“, најавувајќи ја можноста дека ќе бара заседавање на Советот за безбедност на ОН ако „од Приштина одлучат да испратат војска во северниот дел на Косово“.
„Тоа го доведува целиот регион на највисок степен на опасност. Тие потези на албанското раководство не се само неодговорни, туку и нè доведуваат во најголема опасност“, изјави тој.
Тој ги замоли граѓаните на Србија да се обединат во поддршка на српскиот народ во Косово.
„Ќе дадеме сè од себе да го сочуваме мирот, да ја сочуваме регионалната стабилност, но луѓето во Србија мора да разберат дека ситуацијата не е само тешка, туку и потешка од тоа“, рече тој.
Денес Белград и Приштина ги посети еврокомесарот за преговори за проширување и соседска политика, Јоханес Хан. Вучиќ наведе дека денешниот разговор со Хан бил коректен, и дека смета оти комесарот добро ја разбира ситуацијата и сите опасности кои се надвиваат.