Stipe Majic
06 Февруари 2020•Ажурирај: 08 Февруари 2020
ЗАГРЕБ (AA) - Вицепремиерот на Северна Македонија задолжен за европски прашања Бујар Османи и министерот за надворешни работи Никола Димитров во рамките на нивната работна посета на Хрватска, во Загреб се состанаа со хрватскиот министер за надворешни и европски работи Гордан Грлиќ - Радман, јавува Агенција Анадолија (АА).
На состанокот во седиштето на хрватското МНР потврдени се традицонално добрите односи на двете земји, а исто така потврден е и северноатланскиот и европскиот пат на Северна Македонија. Важна тема на разговорите беше и новата методологија на Европската комисија за членството на Северна Македонија.
Вицепремиерот Османи изрази очекување дека во март, во текот на хрватското претседавање со Советот на ЕУ, ќе бидат отворени преговори за членство на Северна Македонија во ЕУ.
„Претендираме да бидеме добри кандидати, но во овој процес влегуваме со 30 отсто правно законодавство на ЕУ кое е пренесено во нашето законодавство", рече Османи.
Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Никола Димитров рече дека периодот на хрватското претседавање со Советот на ЕУ е време на големи можности за неговата земја.
Предлогот на методологијата на ЕК, која вчера беше презентиран, Димитров го оцени како квалитетен за државите кои ги спроведуваат реформите.
„Немаме интерес да бидеме земја која е лош ученик и која назадува и заради тоа ќе ги искористиме сите бенефити кои ги нуди новата методологија", рече Димитров.
Изрази надеж дека самитот на земјите од Западен Балкан и ЕУ во Загреб ќе постигне важен успех.
На новинарско прашање доколку Европскиот совет во март не даде зелено светло на Северна Македонија, дали оваа земја ќе остане посветена на членството во ЕУ или ќе се сврти кон други политички актери, Османи истакна дека во неговата земја од независноста постои граѓански консензус за две работи, а тоа се членството во ЕУ и во НАТО.
Димитров рече дека не постои политичка организација и Влада која има мандат за алтернативна одлука спротивна на оваа за која постои консензус на граѓаните.
Димитров истакна дека Северна Македонија географски и културно е дел од Европа и ЕУ, доколку сака да биде глобално важен актер, не може да остави „празнина во срцето на континентот".
Тој истакна дека Северна Македонија економски е силно поврзана со државите на ЕУ и дека станува збор на земјата која е кандидат за членство во ЕУ од 2005 година.
„Хрватска силно го поддржува отворањето на преговорите со Северна Македонија без понатамошни одложувања, што во континуитет им го нагласуваме на партнерите во ЕУ. Хрватската влада ќе ги вложи сите напори за да одлуката за отворањето на преговори со Северна Македонија и Албанија биде донесена и усвоена во текот на нашето претседавање со Советот на ЕУ", рече Грлиќ - Радман, министерот за надворешни работи на Хрватска.
Тој оцени дека придонес кон тоа ќе донесе состанокот на лидерите на ЕУ, самитот за Западен Балкан кој ќе се одржи во мај месец оваа година, 20 години по самитот во Загреб кој отвори европска перспектива за Хрватска, но и за цела источна Европа.
„Вчерашниот документ на Европската комисија за новата методологија исто така добро ја истакнува перспективата на земјите на Западен Балкан во времето на новите геополитички предизвици и потреби. Веруваме дека новата методологија со новите оценки на Европската комисија, кои ќе бидат наскоро презентирани, за реформските напори на Северна Македонија, ќе овозможи Европскиот совет во март да донесе одлука за отворање преговори со Северна Македонија и Албанија", рече Радман.
„Хрватска изразува силна поддршка Северна Македонија по завршувањето на потребните процедури што поскоро да стане полноправна членка на НАТО", порача Грлиќ - Радман.
Хрватска и Северна Македонија немаат отворени прашања, а на состанокот е изразена потреба за јакнење на односите во сфера на здравството, спортот, културата, науката, образованието и заштита на околината.