Abdula Berisha
26 Март 2019•Ажурирај: 27 Март 2019
СКОПЈЕ (AA) – Сојузот на глуви и наглуви во Северна Македонија, денеска започна со реализација на два нови проекта, за кои изјавува дека ќе се олесни секојдневниот живот на глувите и наглувите лица во државата, јавува Anadolu Agency (AA).
Се работи за проектите „Call Center“ и основањето на фолклорно здружение за глувите и наглувите лица. Претседателот на Сојузот, Томица Стојановски, преку знаковниот јазик за дадената поддршка ѝ се заблагодари на министерката за труд и социјална политика во Северна Македонија, Мила Царовска.
На прес-конференцијата министерката Царовска рече дека е особено среќна за овие иницијативи, затоа што тие се разликуваат од активностите што се спроведувани многу години наназад, и како што изјави таа, многу имаат придонесено кон подигнувањено на квалитетот на животот за лицата со посебни потреби.
Министерката Царовска рече дека Министерството со кое раководи, има ветено повеќе финансиски средства за сојузите и невладините организации, но под услов тие да подготват развојни проекти за да го подобрат секојдневниот живот на лицата со посебни потреби.
„Ме радува тоа што Сојузот на глуви го прифати тој предизвик, и што оваа година во неговата програма која што е финансирана преку игрите на среќа преку Министерството за труд и социјална политика, директно развиваме услуга која значително ќе ја поевтини услугата на толкувач во државата, од друга страна и ќе го олесни пристапот до толкување за глувите и наглувите лица“, рече Царовска.
Генералната секретарка на Сојузот на глуви и наглуви, Лиза Велковска, зборуваше поопширно околу проектот „Call Center“, за којшто рече дека нуди решение за главниот проблем на глувите и наглувите лица, а тоа е комуникацијата со разните институции.
Велковска објасни дека се работи за апликација за смартфони преку која глувите и наглувите лица ќе можат да комуницираат со болниците, аптеките, полициските станици, банките, поштата или со која било установа.
Комуникацијата ќе се врши на начин на кој глувите и наглувите лица преку видеоповици ќе контактираат со толкувачи кои го знаат знаковниот јазик, а тие ќе контактираат со институциите.
„За потребата на овој проект ангажирани се две лица толкувачи на знаковниот јазик кои ќе бидат достапни за глувите лица во државата во две смени, поточно од 8:00 до 18:00 часот, од понеделник до петок“, рече Велковска.
Таа, исто така изјави дека зависно од почетните резултати од проектот, може да се смета на продолжување на времето во кое ќе се нуди оваа услуга, преку ангажирање на дополнителни лица.
Велковска, исто така рече дека по барање на глувите и наглувите лица е основано фолклорно здружение, каде што глувите и наглувите лица ќе учат разни традиционални ора со помош на специјализирани лица.