Admir Fazlagic
27 Јули 2017•Ажурирај: 28 Јули 2017
СКОПЈЕ (АА) - Министерот за животна средина и просторно планирање на Република Македонија Садула Дураку и градоначалниците на 12 општини денеска потпишаа договори за доделување финансиски средства за изработка на техничка документација за изградба на водоводни и канализациски системи и за регулација на речните корита, јавува Anadolu Agency (AA).
По тој повод во своето обраќање, министерот Дураку истакна дека средствата се доделени согласно Програмата за инвестирање во животната средина за 2017 година. Предвидени се вкупно 43 милиони денари и се доделени на 12 општини, за 14 проекти.
„Со тоа Министерството за животна средина и просторно планирање настојува и финансиски да ги помогне локалните самоуправи во управување со водите со што обезбедува не само почиста животна средина, туку и директно се влијае врз здравјето на жителите", рече Дураку.
Според неговите зборови, средствата се распределени за проекти во четири области: заштита, зачувување и подобрување на квалитетот на водите, за заштита на природата и биолошката разновидност, за подигање на јавната свест, едукација и обука во областа животна средина и за поттикнување образовни, истражувачки и развојни студии, програми, проекти и други слични активности за заштита и унапредување на животната средина и природата.