Besar Ademi
15 Март 2017•Ажурирај: 16 Март 2017
СКОПЈЕ (АА) - Во Скопје се одржа завршниот настан на проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во македонскиот образовен систем, петгодишен проект во вредност од 6,2 милиони долари, кој имаше за цел да создаде политичка, социјална и економска средина потребна за Македонија да постигне одржлива меѓуетничката интеграција во училиштата, другите образовни институции, но и во целото општество на земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерот за образование и наука на Република Македонија, Пиштар Љутфиу, рече дека едно од главните достигнувања на овој проект е дека сите основни и средни училишта од земјата се вклучени во проектот, и како што рече, процесот на етничката интеграција е една од најважните области на општеството и образовниот систем во Македонија
„Образовните советници и инспектори од Бирото за развој на образованието на национално и регионално ниво се вклучени во спроведувањето на активностите и одржливо градење на капацитетите. Со овој проект се формирани околу 400 партнери меѓу училиштата преку кои е воспоставена интеракцијата меѓу наставниците и учениците на различни јазици на учебниците”, рече Љутфиу.
Шефот на Мисијата на УСАИД во Македонија, Џејмс Стајн, рече дека овој проект е пример за тоа како граѓанскиот ангажман помага во менување и подобрување на квалитетот на животот кај етничките заедници во Македонија.
„Да им овозможиме на младите луѓе да ги видат вредноста и важноста на разновидноста, интеркултурализмот и меѓусебното почитување, без разлика на етничката припадност или која било друга припадност”, рече Џејмс Стајн.
- Бејли: Функционирањето на демократските институции во моментов е многу важно прашање -
Амбасадорот на САД во Македонија, Џес Бејли, кој беше присутен на завршниот настан на проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието, истакна дека меѓуетничката интеграцијата во македонското општество е иднината на оваа земја.
Бејли, кој зборуваше за актуелната политичка криза што ја зафати земјата, истакна дека САД остануваат пријатели и партнер на Македонија. Тој додаде дека САД сакаат да помогнат во процесот за решавање на кризата, но, како што рече, функционирањето на демократските институции останува во рацете на граѓаните во државата и политичките лидери.
„Во врска со одлуката на претседателот Ѓорге Иванов, мислиме дека тоа не е правилната одлука и истата ја земаме во предвид. Мислам дека сега е важно да функционираат демократските институции и решавањето на кризата е тука”, посочи Бејли.
Инаку, претседателот Иванов одби да му даде мандат на лидерот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) за формирање на нова влада, изјавувајќи дека „нема да го додели мандатот на секој оној кој преговара за платофрми на други држави со кои се уценува македонскиот народ, се загрозува унитарноста на државата, нејзнинот суверенитет и независноста".