Admir Fazlagic
15 Март 2017•Ажурирај: 16 Март 2017
СКОПЈЕ (АА) - Mинистерот за надворешни работи, Никола Попоски смета дека регионалната соработка има голем потенцијал, како и дека актуелната политичка криза во Македонија не влијае на приоритетите на државата бидејќи тие се стабилни и долгорочни, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Политичката криза не влијае на приоритетите, зашто тие се стабилни и долгорочни. Секако дека добриот економски развој подразбира и поволна политичка клима. Македонија има добри резултати кај економскиот раст за минатата година, како и предминатата, но верувам дека со ставањето крај на политичката криза ќе се забележи уште поголем напредок. Сепак, сигурноста и предвидливоста обезбедуваат поволни инвестиции“, оцени министерот Попоски во интервју за списанието „Српска економија“.
За тоа колку е реално дека државите од Западен Балкан што се во процес на пристапување кон Европската Унија, ќе дадат приоритет на воспоставувањето регионална економска соработка, наспроти актуелните политички спорови, министерот Попоски смета дека економската соработка мора да има приоритет, затоа што според него, тоа е основа за добра политичка клима.
„Всушност, тоа се покажа и во пракса, зашто, без оглед на состојбата со политичките односи, економската соработка се движи во нагорна линија. Тоа важи за сите регионални односи“, вели Попоски.
Министерот ги смета за стабилни актуелните политички односи меѓу Македонија и Србија, и додава дека цврстото позитивно мислење меѓу народите е од најголема помош за добрите односи меѓу Македонија и Србија.
„Во разговорот со српските колеги слушнав дека според резултатите од анкетите, Србите имаат најпозитивно мислење за Македонија и за Македонците, а убеден сум дека тие ставови се идентични и од другата страна. Таквите релации секогаш ѝ помагаат на политиката. Ние сме во турбулентен регион што станува уште потурбулентен, но сепак, меѓучовечките односи имаат големо значење, што се одразува на политичките односи, без оглед на предизвиците со кои се соочуваме“, истакнал министерот Попоски во интервјуто.
На прашањето дали може проектот за изградба на брзата пруга на линијата Будимпешта – Атина да придонесе кон подобра регионална интеграција, Попоски изразува увереност дека сите земји што се наоѓаат на тој коридор ќе бидат подобро поврзани и ќе се зголеми протокот на стока и луѓе.
„Ќе придонесе до зголемување на интересот на ЕУ во нашиот регион. И самиот проект на основање на ЕУ не би успеал да стануваше збор за исклучиво политички проект. Мислам дека и кај нас, по истата логика, економската соработка треба да биде приоритет преку креирање на заеднички пазар“, истакнува тој.
За влијанието на мигрантската криза на усложнувањето на слободниот проток на стока меѓу земјите од Западен Балкан и Европската Унија, министерот Попоски вели дека тоа беше проблем во моментот кога низ Македонија дневно поминуваа 10.000-12.000 бегалци, што тогаш предизвика блокада на железницата и на автопатите.
„Би рекол дека сега таа ситуација е надмината, но не би ја исклучил можноста тоа сценарио да се повтори, имајќи предвид дека еден милион луѓе поминале по должината на балканската рута за само една година. Тоа не може да не остави никакви последици на економски план“, смета Попоски.
- Евроинтеграциите се тесно поврзани со економскиот раст
„Евроинтеграциите се тесно поврзани со економскиот раст, што беше случај и со земјите од Централна и од Источна Европа кои станаа дел од Европската Унија меѓу 2004 и 2013 година, а покажаа најголем раст една година пред и по придружувањето. Македонија, ниту пак која било друга балканска земја не би требало да биде исклучок во тој поглед. Сепак, имајќи ја предвид непредвидливоста на нашиот регион, не можеме да се потпреме исклучиво на тие прогнози. Мораме да се посветиме на реформите и на подобрување на бизнис климата, и да ги развиваме пред, во текот на и по влегување во ЕУ“, нагласува министерот Попоски говорејќи за тоа дали можат блокадите со кои се соочува Македонија на евроатлантскиот пат да ја доведат во прашање економската одржливост.
- „Мораме да го најдеме своето место во односите меѓу Америка и остатокот од Европа“
Во контекст на тоа како ќе се постави новата американска администрација во однос на прашањето со регионот, македонскиот министер за надворешни работи вели дека не верува оти Балканот ќе се најде меѓу првите приоритети, но по конференцијата во Минхен, на која присуствувале американскиот потпретседател, државниот секретар за одбрана и државниот секретар за внатрешни прашања, пораките, според Попоски, укажуваат на тоа дека Америка не планира да ја напушти Европа и дека во тој контекст, повеќе ќе се фокусира на трошокот за одбрана на земјите-членки на НАТО отколку на стратешкото деангажирање од европскиот континент.
„Мораме да го најдеме своето место во тие односи меѓу Америка и остатокот од Европа, и најпосле да преземеме поголема одговорност за самостојно креирање на регионална соработка. Не можеме да очекуваме некој друг да ја завршува нашата работа“, порачува министерот Попоски.