Senada Ibraimova
15 Март 2017•Ажурирај: 16 Март 2017
СКОПЈЕ (АА) – Денес во Скопје е одржан завршниот настан на прoектот „Зајакнување на капацитетите за имплементација на Натура 2000“, којшто е финансиран од Европската Унија (ЕУ). Во рамките на проектот, извршено е усогласување на националното законодавство со законодавството на ЕУ, направени се истражувања за биодиверзитетот во државата, а предложени се 9 пилот-подрачја, кои се поклопуваат со националните паркови во Македонија, трите природни езера, планината Јакупица, Шар Планина и областа Мариово – Кожув, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерот за животна средина и просторно планирање, Башким Амети, смета дека едни од најзначајните политики и инструменти во делот на заштита на природата се токму ЕУ директивите за живеалишта и птици, кои како што вели тој, воедно се основните правни механизми за воспоставување на европската еколошка мрежа на „Натура 2000“.
„Со цел хармонизирање на националното законодавство и исполнување на обврските согласно директивите за живеалишта и птици, министерството во 2016 година започна со реализација на проектот за зајакнување на капацитетите за имплементација на ‘Натура 2000’. Овој проект отвори можност да се пренесат искуствата од земји-членки на Европската Унија, во процесот за воспоставување и развој на мрежата ‘Натура 2000’“, истакна Амети.
Исто така, тој додаде дека во рамките на овој проект е подготвен закон за заштита на природата со сите подзаконски акти, за целосно пренесување на ЕУ директивите за живеалишта и птици.
Амети на крајот нагласи дека „Натура 2000“ отвора нови можности во руралните предели, преку развој на еко-туризмот, одржливото земјоделство и користењето на природните ресурси на начин што не ја загрозува животната средина.
Амбасадорот на делегацијата на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар, во своето обраќање рече дека европскиот континент зазема само 5 проценти од целиот свет, но оти во него се наоѓаат различни видови, кои не се среќаваат на ниту едно друго место во светот.
Жбогар нагласи дека оваа мрежа се воведува во државите-кандидатки за ЕУ како што е Македонија. „Ова е земја којашто има богата биолошка разновидност и задоволни сме што процесот на имплементација на ‘Натура 2000’ започна со овој проект, чијшто буџет е 1,2 милиони евра“, изјави тој.
Според него, овој проект не само што придонесува за подготовка во пристапувањето на државата во Унијата, туку и за добивање дополнителна поддршка за зачувување на биодиверзитетот. Тој додаде дека усогласувањето на законодавството е клучно во оваа насока и оти, благодарение на проектот, две клучни директиви за птици и живеалишта сега се пренесени во законодавството на државата.
Претставникот на проектот, Даниел Богнер, изјави дека овој проект којшто е финансиран од Европската Унија, се реализираше околу една година. Тој пренесе дека во проектот биле вклучени околу 40 експерти и оти во рамките на проектот е извршено усогласување на законодавството, направени се истражувања за биодиверзитетот и живеалиштата на птици во државата, а дека се предложени 9 пилот-подрачја коишто се поклопуваат со националните паркови во Македонија, трите езера, планината Јакупица, Шар Планина и областа Мариово – Кожув.
„Натура 2000“ е мрежа на морски и копнени подрачја од меѓународно значење, осмислена за да ги заштити природните живеалишта и ретките растителни и животински видови коишто се загрозени или ранливи, а се заштитени со законите на Европската Унија.
Главната цел на оваа мрежа е да го одржи или да го обнови поволниот статус на заштита на одредени видови и природни типови на животни средини во нивниот природен опсег.