Ivana Ramadanova
12 Септември 2016•Ажурирај: 13 Септември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Владата на Република Македонија за спроведување на изборите, Емил Димитриев, денеска имаше средба со новиот шеф на Делегацијата на Европската Унија во Скопје Самуел Жбогар, на која беа поздравени позитивните односи помеѓу Македонија и ЕУ и истакната обострана посветеност за нивно унапредување во секоја сфера од заемен интерес, јавува Anadolu Agency (AA).
„Беше потенцирана стратешката определба за членство на Република Македонија во Европската Унија, при што соговорниците ја афирмираа заложбата за продолжување на заедничката соработка која е од значење за реализација на европските интеграции на нашата земја", стои во соопштението од Владината служба.
Премиерот за спроведување на изборите Димитриев изрази благодарност за соработката со ЕУ во реализацијата на реформите кои се значајни за унапредување на стандардите во сите општествени сфери, истакнувајќи посветеност на Владата за спроведување на фер, кредибилни и демократски избори како единствено решение за политичката криза. Од негова страна беше акцентирана и посветеноста на Владата за реализација на програмата и проектите кои имаат реална корист за сите граѓани.
Шефот на Делегацијата Жбогар истакна дека ЕУ и понатаму ќе продолжи да дава поддршка во реализацијата на реформите во Македонија. Двете страни, се наведува во соопштението, ја изразија и значајноста на спроведувањето на акцискиот план на Владата за реформи за европска интеграција на земјата.
На средбата е разговарано и за повеќе други теми од заеднички интерес.