Senada Ibraimova
28 Ноември 2016•Ажурирај: 29 Ноември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Денес во Скопје, во организација на француската амбасада се одржа работилница на тема „Размена на искуства меѓу Франција и Македонија за Натура 2000 и имплементација на директивите за живеалишта и птици“, јавува Anadolu Agency (AA).
Оваа работилница се одржува како резултат на продлабочувањето на билатералната соработка меѓу Франција и Македонија, која отвора можност за споделување искуства во спроведување на европските директиви за заштитени подрачја и имплементација на мрежата на заштитени подрачја Натура 2000 во Македонија.
Според министерот за животна средина и просторно планирање, Башким Амети, една од најзначајните политики и инструменти во делот на заштита на природата се токму ЕУ директивите за живеалишта и птици, кои од друга страна се основните правни механизми за воспоставување на европската еколошка мрежа на Натура 2000.
Тој рече дека министерството го препознава проектот Натура 2000 како клучен сегмент во функционирањето на еко-системот, во зачувувањето на природните богатства, растителните и животинските видови, како и нивните природни живеалишта. Тој истакна дека за државите кандидатки за ЕУ, многу е значајно хармонизирањето на националното законодавство во областа на животната средина и природата со законодавството на ЕУ.
„Постоењето на законската регулатива, која е усогласена со регулативата на ЕУ, во основа значи подобра координација меѓу нас и квалитетно подобрување и унапредување на заштитата на природата“, рече тој.
Амети изјави дека овој проект ќе се спроведе во рамките на ИПА проектот, финансиран од ЕУ и меѓу другото, предвидено е да се изготви нов закон за природа и подзаконски акти заради целосно пренесување на ЕУ директивите за живеалишта и птици.
Во рамките на овој проект ќе се идентификуваат природните живеалишта и видовите на национално ниво, кои се од значење за ЕУ, како и за нас, и за нив во иднина ќе треба да се спроведат научни истражувања со цел да се воспостават потенцијалите.
Исто така, предвидени се обуки за администрацијата што ќе биде вклучена во спроведувањето на овој проект.
„Натура 2000 отвора нови можности во руралните предели, преку развој на еко-туризмот, одржливото земјоделство и користењето на природните ресурси на начин што не ја загрозува животната средина. Натура 2000 може да стане важен извор за приходи на локалното население“, додаде Амети.
Амбасадорот на Франција во Скопје, Кристијан Тимоние, во своето кратко обраќање истакна дека европските директиви се многу важни во спроведувањето на овој проект.
Според него, економскиот развој во државите со природен биодиверзитет е исто така многу важен фактор, но дека за заштита на овој биодиверзитет не е доволен само развојот, туку од големо значење е и мислењето на населението и научниците, и тоа треба да се земе предвид. Тој истакна дека Франција е интересен пример за Македонија, затоа што има голем биодиверзитет и додаде оти целиот процес на спроведувањето на овој проект ќе го следат со голем интерес, а сметаат и на помошта на ЕУ.
Натура 2000 е мрежа на морски и копнени подрачја од меѓународно значење, осмислена за да ги заштити природните живеалишта и ретките растителни и животински видови, кои се загрозени или ранливи, а се заштитени со законите на Европската Унија. Главната цел на оваа мрежа е да го одржи или да го обнови поволниот статус на заштита на одредени видови и природни типови на животни средини во нивниот природен опсег.