Admir Fazlagic
01 Декември 2016•Ажурирај: 02 Декември 2016
СКОПЈЕ (АА) - Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска во Дојран оствари средба со Шефот на делегацијата на Европската унија во Република Македонија, амбасадорот Самуел Жбогар, пренесува Anadolu Agency (AA).
Според соопштението од Кабинетот на претседателот Иванов на средбата се разговарало за европските интеграции на Република Македонија, за состојбите со бегалската и мигрантската криза, како и за актуелните политички случувања во Република Македонија.
„Претседателот Иванов на средбата со амбасадорот Жбогар ја посочи потребата од нов пристап на ЕУ кон Република Македонија, истакнувајќи дека досегашниот пристап на Унијата се покажа како непродуктивен и резултираше со ретроградни политички процеси во земјата, наместо унапредување на политичката култура и на реформските процеси", се вели во соопштението.
Се соопштува и дека во однос на бегалската и мигрантската криза, соговорниците размениле мислења за најавите за нов бегалски бран и можностите за зголемување на безбедносните ризици и закани од насилен екстремизам.
„Потенцирајќи ја важноста на стабилноста и безбедноста на регионот и Европа, македонскиот претседател ја реафирмираше потребата од пристап до базите на податоци на ЕУ за внес и споредба на податоци на мигранти и странски терористички борци, размена на податоци и зголемена соработка меѓу разузнавачките и другите безбедносни служби".
„И покрај внатрешната политичка криза, Македонија покажа дека има стабилни институции, проактивен и превентивен пристап во справување со мигрантската криза. Вие не можете да ги заштитите вашите надворешни граници, ако прво не ги обезбедите коридорите долж државите кои се надвор од ЕУ. На Македонија и е потребна помош за да ви помогне вам“, порачал претседателот Иванов на средбата со амбасадорот Жбогар.
На средбата претседателот Иванов и амбасадорот Жбогар размениле мислења и за надворешната политика на Република Македонија во однос на соседните земји и активната улога на Македонија во градењето на регионалната соработка.