СКОПЈЕ (АА) - ЏИХАД АЛИУ - Амбасадорката на Република Турција во Скопје, Тулин Еркал Кара истакна дека е потребно меѓународната заедница навремено да ги преземе потребните заштитни мерки, во спротивно, терористичката организација ФЕТО, која има свои активности и во останатите земји, порано или подоцна ќе ја загрози нивната безбедност.
Со предавањето на акредитивните писма минатата недела, амбасадорката Кара официјално започна со својата фунција амбасадор на Република Турција во Македонија. Во изјавата за Anadolu Agency (АА), амбасадорката Кара покрај политичките и економски врски меѓу двете земји, зборуваше и за чекорите што треба да се преземат во врска со борбата против ФЕТО.
Амбасадорката Кара изјави дека Македонија има посебно место во срцата на турскиот народ и истакна дека од нејзиното пристигнување во Македонија, воочила дека народите во Македонија ги имаат истите чувства кон Турција. Амбасадорката Кара рече дека ќе даде свој значаен придонес за зацврстување на пријателството меѓу народите на двете земји.
Таа нагласи дека меѓу двете земји постои соработка на повеќе полиња, од политика до економија, од култура до здравство, од трговија до безбедост, и истакна дека Турција ѝ ја дава сета можна поддршка на Македонија од денот на независноста досега, и ќе продолжи со поддршката за Македонија.
Амбасадорката Кара ја посочи соработката меѓу двете земји и на меѓународно поле. Таа додаде дека Турција е првата земја којашто Македонија ја призна под уставното име и беше првата земја што отвори своја амбасада во Македонија, истакнувајќи дека покрај тоа, Турција ѝ ја дава и сета поддршка на Македонија за членство во НАТО и за нејзина интеграција во европско-атланските институции.
- Нема да се застане само на извонредните врски меѓу земјите -
Амбасадорката Кара зборувајќи дека нема да застане само на извонредните врски меѓу двете земји: „Сакам да истакнам дека како и сите претходни амбасадори на Република Турција во Македонија досега, и јас ќе вложам максимални напори за врските и соработката меѓу Турција и Македонија ги доведам на едно понапредно ниво“.
Амбасадорката Кара рече дека ќе продолжи одблиску да се грижи за проблемите на Турците во Македонија и ќе вложи големи напори за да може верните сонародници во Македонија да добијат добро образование и да го добијат местото што го заслужуваат во општеството во кое живеат во единство и заедништво.
Амбасадорката Кара додаде дека лично претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган ѝ дал насоки за унапредување на веќе постоечките високи врски меѓу двете земји и истакна дека соодветно на тоа, започнала со својата работа на тоа поле.
- Борбата со ФЕТО -
Амбасадорката на Турција во Македонија, Кара, истакна дека една од важните теми што ги отворила по стапувањето на должност во Македонија е спречувањето на активностите на ФЕТО во Македонија, и рече дека ја користи секоја можност да ги потсети македонските власти за очекувањата на Турција по ова прашање.
Таа истакна дека веќе целиот свет увидел оти ФЕТО всушност е терористичка организација којашто обучува милитанти, организација што со години, криејќи се зад различни маски, ги спроведува своите активности, како во Турција, така и во останатите земји. „Доколку меѓународната заедница навремено не ги преземе потребните заштитни мерки, тогаш терористичката организација ФЕТО која има свои активности во останатите земји, порано или подоцна ќе ја загрози и нивната безбедност“, изјави амбасадорката Кара.
Амбасадорката Кара изјави дека се познати институциите и организациите во Македонија што се поврзани со ФЕТО.
„Нѐ вознемирува фактот што во пријателската земја Македонија сѐ уште своите активности ги спроведува оваа крвава терористичка организација, која се обиде да изврши државен удар и да ги собори легитимно и демократски избраните претседател и влада. Покрај тоа, активностите на ФЕТО во Македонија ги иритираат и нашите државјани и сонародници во земјата, особено бизнисмените што сакаат да инвестираат во Македонија.
Кара истакна дека како амбасадор на Турција во Македонија, во својата работа ќе даде предност на уривањето на структурата на ФЕТО во Македонија, попречување на активностите на ФЕТО во земјата, а тоа има големо значење во осигурувањето безбедност и стабилност не само на Турција, туку и на Македонија, дури и на Балканот.
Амбасадорката Кара рече дека за да се спречат активностите на ФЕТО во Македонија се разговара на сите нивоа со македонската Влада и додаде дека очекува да прекинат активностите на ФЕТО во пријателската земја Македонија.
- „Во Македонија се чувствуваме како дома“ -
Во периодот кога ја извршувала функцијата на пратеник, амбасадорката Кара била член на турската парламентарна група во Парламентарното собрание на Советот на Европа, и во тие рамки вршела истражувања од дневниот ред во Европа и обезбедувала информации за геополитичката стабилност во Европа. „Во тој поглед, знам дека безбедноста и стабилноста на Македонија е од големо значење за мирот на целиот Балкан“, рече амбасадорката Кара.
Амбасадорката на Турција во Македонија, Тулин Еркал Кара изјави дека во минатото имала можност да ја посети Македонија: „Турција и Македонија имаат заедничка историја и култура, тие се пријателски и братски земји. Затоа, ние кои како гости доаѓаме од Турција во Македонија, тука се чувствуваме како дома. И јас, откако дојдов во Скопје, воопшто не се почувствував како странец“.