Muhammed Akil,Ekip
29 Ноември 2016•Ажурирај: 30 Ноември 2016
ИСТАНБУЛ (AA) – Вицепремиерот и гласноговорник на Владата на Република Турција, Нуман Куртулмуш, ги повика исламските земји да се спротивстават на новото сценарио за поделби на Блискиот Исток по примерот на договорот Сајкс-Пико, јавува Anadolu Agency (AA).
Во изјавата за саудискиот весник „Аш Шарк Ал Аусат“, Куртулмуш истакна дека исламскиот свет треба да заземе прецизен став за основните прашања и за ситуацијата на Блискиот Исток.
„Империјалистичките сили пред 100 години го наметнаа договорот Сајкс-Пико, со кој се исцртани границите во тој регион. Сега се наоѓаме пред нов проект Сајкс-Пико“, рече Куртулмуш и додаде дека исламските земји мораат да се обединат во борбата против поделбите што се темелат на месхебската припадност.
Куртулмуш исто така изјави дека Турција ја поддржува и активно учествува во соработката на исламските земји кои ги предводи Саудиска Арабија.
„Турција не сака да види какви било поделби во Ирак, Сирија, Либија или во која било друга земја. Мораме да се обединиме и да соработуваме на завршувањето на месхебските политики и воспоставувањето агенда којашто ќе донесе мир и стабилност во регионот. Гледаме дека Саудиска Арабија има активна улога во тоа. Моментално се наоѓаме на важна пресвртница и процес. Или ќе се предадеме на другиот проект Сајкс-Пико, или ќе се обединиме во борбата против месхебските политики и поделби“, рече Куртулмуш.
Осврнувајќи се на односите меѓу Турција и Европската Унија, Куртулмуш истакна дека од 1963 година, досега се воспоставени интензивни односи, но дека Турција често во тие односи била соочена со дволична политика и пристрасни ставови на Европската Унија.
„Еден пример за таквата политика на ЕУ е давањето статус на повластен партнер, наместо статус на полноправна членка. Во последно време гледаме дека политичките расправи меѓу Анкара и Брисел се водат околу две паралелни прашања. Едно е прашањето за визна либерализација за турските државјани, а второ е запирањето на илегалните миграции од Турција кон Европа“, рече Куртулмуш.
Турскиот вицепремиер Куртулмуш истакна дека Турција работеше во согласност со договорот за правосудните реформи коишто вклучуваат 73 точки и покажа решителност да ги исполни сите преземени обврски, вклучувајќи и запирање на илегалното движење на мигрантите од Турција во Грција. Тој додаде дека ЕУ требаше уште во јули оваа година да воведе безвизен режим за турските државјани, но дека тоа не го направи, ниту понуди издржано оправдување за тоа.
„Укинувањето на визите и договорот за реадмисија се паралелни теми и една целина. Доколку ЕУ не ги укине визите, ние ќе престанеме да ги спречуваме мигрантите на патот кон Европа“, предупреди Куртулмуш.
Тој и во оваа пригода рече дека членките на Европската Унија не застанаа покрај Турција во нејзината одбрана на демократијата и владеењето на правото во текот на неуспешниот обид за воен удар, и дека единствено Велика Британија цврсто застана со Турција во тоа тешко искушение.
На новинарското прашање дали влегувањето на Турција во Организацијата за шангајска соработка би можело да ги блокира преговорите и да создаде тензии меѓу Турција и ЕУ, Куртулмуш рече дека не мисли дека до тоа би требало да дојде.
„Турција има многу географски, културни и стратешки специфичности. Ние сме членка на НАТО и чекаме за членство во Европската Унија. Истовремено сме и членка на Организацијата за исламска соработка, Советот за соработка на земјите на туркофонското подрачје и многу други организации. Во исто време му припаѓаме и на Балканот и на Блискиот Исток“, одговори Куртулмуш.
Тој рече дека надворешнополитичката определба на Турција за зближување, па дури и за членство во Организацијата за шангајска соработка никако не значат дека Турција со тоа дава помала вредност на односите со земјите од Западот или интеграции во Европската Унија.
„Организацијата за шангајска соработка не е алтернатива на Европската Унија. Ние имаме право да играме на сите карти и да воспоставуваме односи со сите страни“, заклучи Куртулмуш.