Şerife Çetin
09 Јули 2019•Ажурирај: 10 Јули 2019
БРИСЕЛ (АА) - Европската Унија (ЕУ), Франција, Германија и Велика Британија изразија длабока загриженост за активностите на Иран кои го прекршуваат меѓународниот договор, пренесува Anadolu Agency (AA).
Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Федерика Могерини, министерот за надворешни работи на Франција, Жан-Ив ле Дриан, министерот за надворешни работи на Германија, Хеико Мас и министерот за надворешни работи на Велика Британија, Џереми Хант, објавија заедничко соопштение во врска со прекршувањето на Договорот за нуклеарната програма од страна на Иран.
„Високата претставничка на ЕУ и министрите за надворешни работи на Франција, Германија и Велика Британија изразуваат длабока загриженост од активностите кои ги реализира Иран кои не се во согласност со Заедничкиот сеопфатен акционен план“, се вели во соопштението.
Се нагласува дека Меѓународната агенција за атомска енергија потврдила оти Иран го надминал лимитот на резерви на збогатен ураниум наведен во Договорот за нуклеарната програма.
„Иран треба да ги исполнува обврските од Договорот за нуклеарната програма“, се истакнува во соопштението, во кое се додава дека Заедничката комисија во рамки на Договорот за нуклеарната програма треба итно да одржи состанок.