ПАРИЗ (АА) - Републиканската партија во Франција го избра поранешниот премиер Франсоа Филон за свој кандидат на претседателските избори во 2017 година во таа земја.
На изборите за претседателски кандидат на Републиканската партија во Франција, Филон победи во вториот круг на гласањето, со освоени 66,6 отсто од гласовите, оставајќи го далеку зад себе, исто така поранешниот премиер на Франција, Алан Жупе, со освоени 33,2 отсто од гласовите.
Пред две недели, кога се одржа првиот круг на гласањето, сите беа зачудени кога Филон со освоени 44 отсто од гласовите беше прв на листата за учество во вториот круг на гласање. Претходно анкетите го посочуваа Жупе како најголем фаворит, а зад него беше поранешниот претседател на Франција, Николас Саркози.
Во вториот круг на гласање поминаа само првите двајца кандидати. По првиот круг на гласањето, на прво место беше Филон, втор Жупе, додека третопласиран беше Саркози, кој отпадна од трката за претседателски кандидат на Републиканската партија.
Владејачката Социјалистичката партија, чија поддршка е многу опадната, сѐ уште го нема избрано својот кандидат за изборите во 2017 година. На претседателските избори се очекува остра борба меѓу Филон и Марин Ле Пен, претставничката на партијата на екстремната десница Национален фронт.
- Го опишуваат како француски Тачер
Познат како конзервативен католик, 62-годишниот Филон на изборот, со огромно мнозинство го надмина Жупе, кој ја држи либералната линија. Оваа убедлива победа беше коментирана како „нова ера“ во француската политика.
По победата во првиот круг на гласање, Филон беше предмет на дебати поради неговиот восхит кон поранешната премиерка на Британија, Маргарет Тачер, која беше позната по прекарот „Челична лејди”.
Францускиот весник „Либерасион“ во најновото издание објави фотографија на Тачер на која е „залепено“ лицето на Филон, а под неа стои: „Јас, претседател“.
Едно од ветувањата на Филон, кој се залага за зацврстување на слободниот пазар, е да се зголеми работната недела од 35 часа неделно на 39, проблем кој е познат како чувствителна точка во Франција.
Во предизборната кампања, Филон беше изјавил дека во администрацијата има премногу работи места. Тој најави отпуштање од работа на 500.000 лица и посочи дека има потреба да се намалат јавните трошоци.
Филон од економски причини го поддржува отпуштањето на вработени. Тој се залага за ставот дека треба да се преговара со работодавачите за зголемување на работното време до границата од 48 часа неделно.
Следниот економски чекор на Филон е укинување на еден официјален празничен ден. Според Филон, празничните денови познати под името „жур ферие“ создаваат економски загуби во Франција. Филон во кампањата предлагаше да се укине еден од овие денови.
- „Против“ буркините, „за“ за квотите за бегалци
Една од најдебатираните теми за време на предизборната кампања за претседателски кандидат во Франција е прашањето за миграциите и бегалците. Филон предлага да се воведат квоти за бегалците.
По ова прашање, Филон изјави дека ќе направи измени во Уставот, и додаде дека е потребно да се постават построги услови за семејно обединување.
Од друга страна, Филон во кампањата изјави дека во целост ќе ја забрани употребата на буркини на плажите во Франција, проблем кој создаде големи проблеми на француското крајбрежје ова лето.
Во интервјуто за весникот „Ле монд“, Филон истакна дека сака да донесе закон со кој во потполност ќе биде забранета употребата на буркините, додавајќи дека новиот закон нема да дава можност за слободно толкување од страна на градоначалниците на општините.
Од друга страна, Филон смета дека добивањето француско државјанство треба да биде условено со целосно асимилирање на поединците.
По нападите на 13 ноември 2015 година, во Франција многу се дискутираше за предлогот на француската социјалистичка влада, која сака да донесе закон со кој на странските терористички борци ќе им се одземе француското државјанство. Оваа проблематика е на дневниот ред и на Филон.
Филон го брани ставот дека на сите оние што имаат двојно државјанство, а се борат во Сирија и во Ирак, во редовите на терористичките огранизации, треба да им се одземе француското државјанство и да бидат депортирани од Франција, или при враќањето во државата, да не им биде дозволен влез во Франција.
- „Укинување на санкциите кон Русија и подобрување на односите со Иран“
Меѓу економските ветувања што Филон ги даде во предизборната кампања, во прв ред се односите на Франција со Русија и Ирак. Вниманието го привлекува изјавата на Филон, кој смета дека е потребно да се укине ембаргото кон Русија и да се воспостават поблиски врски со Иран.
Особено по прашањето за Сирија, Филон истакнал дека е на иста линија со Русија и дека позитивно гледа на соработката со Асад.
Филон во своите изјави вели дека е против присвојувањето деца од страна на истополови двојки, и смета дека тоа нема да биде во корист на детето, односно може да им наштети на семејните вредности.
Тој смета дека е потребно уште еднаш да се разгледа законот за бракови за истополови двојки, познат под името „закон Таубира“, донесен во 2013 година.
Кога се гласаше овој закон, познато е дека Филон гласал „против“.
- Можно е повторно на дневен ред да го донесе прашањето за ерменските тврдења
Друг кандидат кој привлече големо внимание во предизборната кампања, покрај Филон, е неговата портпаролка Валери Бојер.
Пратеничката од Марсеј, Бојер, десна рака на Филон, во Турција е позната како личност што во 2011 година го подготви нацрт-законот во Франција за тврдењата на Ерменците поврзани со настаните од 1915 година.
Бојер го застапуваше ставот дека секој што ќе го негира тврдењето на Ерменците, треба да биде казнет, и од 2011 година досега, таа води голема борба да се озакони овој предлог.
Во 2015 година, Бојер пред Парламентот уште еднаш на дневен ред го донесе предложениот закон „Казна за геноцидот и извршените злосторства врз човештвото во 20. век“.
Оваа година, пратеничката Бојер во Парламентот, во едно свое обраќање зборувала против жените со шамии, при што изјавила: „Тие се голема закана за Франција“, и ги споредила жените со шамии со непријателски војници.
Од друга страна Бојер, која не го крие својот негативен став кон Турција, најавува дека ќе биде дел од кабинетот на Филон, доколку биде избран за претседател.
Се претпоставува дека доколку Бојер биде дел од кабинетот на претседателот, тогаш една од првите работи што ќе ги постави на дневен ред е прашањето за ерменските тврдења.
Во 2012 година, Нажат Вало-Белкасем, портпаролка во предизборната кампања на претседателот на Франција, Франсоа Оланд, беше поставена за министер за млади и спорт.
- Живее во дворец и е љубител на автомобили
Филон заедно со сопругата и петте деца живее во дворец од 12. век. Тој беше критикуван и обвинет за елитизам, по репортажата која во својот дворец ја даде за француското списание „Париз мач“
Филон е роден во градот Ле Ман. Познат е по 24-часовните трки со автомобили, голем вљубеник во автомобили и трки. Филон уште од детските години ги следи автомобилските натпревари „Ле Ман“.
news_share_descriptionsubscription_contact
