Zülfiya Yakup
15 Март 2017•Ажурирај: 16 Март 2017
ПРИШТИНА (АА) - Специјалното обвинителство на Косово покрена обвинение против Далибор Јевтиќ, министер за заедниците во Владата на Косово, како и постојаниот секретар и директор на Одделот за администрација и финансирање на тоа министерство, поради сомнение дека сториле кривично дело злоупотреба на функцијата и овластувањата, јавува Anadolu Agency (AA).
Во соопштението за медиумите од Специјалното обвинителство се наведува дека обвинението е поднесено пред Општинскиот суд во Приштина против тројца обвинети Д. Ј, Н.С. и М П, од кои еден е министер, а другите две лица се постојани секретари и директор на Одделот за администрација и финансии на истото министерство.
Според обвинението тие во својство на службени лица, користејќи ја функцијата ги надминале своите овластувања и надлежности со цел да прибават корист за себе или за друго лице, во исто време оштетувајќи го ресорното министерство.
Обвинетиот Д.Ј во спротивност со административната одредба за употреба на службените возила на косовската влада, донел одлука на 11.02.2014 година со која на постојано користење дал возило од министерството на приватна компанија.
Обвинетиот Н. С, како лице одговорно за управување со средствата на тоа министерство, знаејќи дека одлуката е незаконска, се согласил со ваквиот чин и ѝ наредил на адвокатската фирма на ова министерство да подготви договор за доделување на возилото на постојана употреба.
Третообвинетиот М.П како одговорно лице на одделот за администрација и финансии на министерството, го потпишал составениот договор од адвокатската фирма.