Senada Ibraimova
15 Март 2017•Ажурирај: 16 Март 2017
СКОПЈЕ (АА) – Вечерва граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ заедно со поддржувачите повторно се собраа пред Владата, од кадешто го започнаа својот марш кон Собранието во знак на протест, како што велат, против платформата на албанските политички партии во Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Граѓанското здружение „За заедничка Македонија“ заедно со илјадници граѓани вечерва седумнаесетти ден по ред маршираа низ улиците на Скопје, кадешто го изразија својот став против платформата на албанските политички партии.
Пред Народната канцеларија на претседателот, организаторите со придружниците со аплауз ја изразија својата поддршка за претседателот Иванов, да не му го даде мандатот на претседателот на Социјал - Демократскиот Сојуз на Македонија (СДСМ) Зоран Заев да формира влада.
Пред Собранието на РМ, дел од организаторите и поддржувачи на овој протест одржаа говор, кадешто ги упатија своите пораки воглавно против двојазичноста во државата.
Тие нагласија дека се, како што велат за заедничка, мултиетничка Македонија. Истакнаа дека, протестираат против сите кои не ја осудиле оваа платформа и потенцираа дека, крајната цел им е спроведување на попис во државата и нови избори. Говорниците упатија апел до сите граѓани, како што рекоа, без разлика на нивната етничка и национална припадност, да се сплотат и да се придружат.
Луѓето кои маршираа, носеа транспаренти и македонски знамиња, а по упатените пораки пред Собранието, толпата мирно се раздели.
Протести, освен во Скопје, се одржуваат и во другите градови во Македонија.
- Заедничка платформа на албанските партии во Македонија
Таканаречената заедничка платформа на албанските политички партии во Македонија беше постигната по предвремените парламентарни избори на 11 декември минатата година, која содржи неколку барања за правата на Албанците во Македонија.
Лидерите на албанските политички партии се обврзаа дека нема да учествуваат во новата Влада на Македонија доколку не бидат прифатени барањата наведени во платформата.