САРАЕВО (АА) - Претседавачот со Советот на министри на Босна и Херцеговина, Денис Звиздиќ, е домаќин на денешниот подготвителен состанок на премиерите на земјите од Западен Балкан, во пресрет на Самитот за Западен Балкан, кој во рамките на Берлиснкиот процес ќе се одржи оваа година на 12 јули во Трст, Италија, јавува Anadolu Agency (AA).
На подготвителниот состанок учествуваат премиерите на Република Србија, Александар Вучиќ, на Република Македонија, Емил Димитриев, на Црна Гора, Душко Марковиќ, на Република Албанија, Еди Рама, на Косово, Иса Мустафа, и комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување Јоханес Хан, како и министерот за надворешни работи на Италија Анџелино Алфано.
За ситуацијата на Западен Балкан и потребата од поголема соработка на највисоко ниво во регионот, неодамна во интервју за Anadolu Agency говореше и претседавачот со Советот на министри на БиХ, Денис Звиздиќ.
„Мислам дека имаме многу нерешена и недоволно стабилна ситуација во целиот регион. Тоа не е прашање само на односите меѓу БиХ и Србија. Ние ги гледаме на некој начин политичките тензии на практична дневна база меѓу Србија и Хрватска. Имаме постојана нервоза и напнатост во односите меѓу Србија и Косово, сега имаме доста нерешена и неизвесна ситуација во Македонија. Општо зборуваме за состојбата во целиот регион, кој многу брзо, а тоа е неопходно, ќе мора да влезе во фаза на сериозна стабилизација којашто тогаш на владите, на политиките на земјите од регионот ќе им овозможи да креираат заеднички цели“, рече Звиздиќ.
Тоа е всушност, нагласи Звиздич, она што се очекува и што е клучна задача на ЕУ, да ги дефинира средбите на највисоко ниво, постојано да работи со сите земји на ЕУ и на некој начин да ги укрупнува интересите на овој простор.
„Тоа е нашата намера, заедно со премиерите на земјите од Западен Балкан - Црна Гора, Албанија, Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Косово - да ја претставиме ЕУ преку Берлинскиот процес, којшто е навистина една добра економска платформа, таа уште не е политичка, но е економска, регионалните проекти кои не поврзуваат на регионално ниво. Досега имавме пристап до него на начин што секоја земја бараше, воглавно, инвестирање и финансирање на проекти во рамките на земјата, а многу малку проекти кои регионално нè поврзуваат Сега сакаме на ЕУ да ѝ претставиме одреден број проекти кои регионалено нè поврзуваат, на пример меѓу БиХ и Србија тоа е идејата на автопатот преку поврзување на Сараево и Белград. Дали тој ќе оди по рутата Сараево - Горажде - Вишеград и поврзување на автопатот или можеби Сараево - Жепче - Тузла - Бјелина - Белград, тоа ќе одреди самите експерти, но, разговаравме и за автопат и за железничката поврзаност меѓу Сараево и Белград, а преку Белград со Будимпешта и со цела централна Европа“, рече Звиздиќ.
Со Црна Гора, истакна, се разговара за реконструкција на железничката пруга Чапљина - Требинје - Никшиќ, со Хрватска и Црна Гора за Јадранско-јонскиот автопат и Јадранско-јонскиот гасовод...Истовремено наведе дека Србија разговара со Македонија, Албанија, Косово за одредени автопати.
Министерот за надворешни работи на БиХ, Игор Црнадак говореше во интервјуто за Anadolu Agency во врска со состанокот на премиерите на земјите од Западен Балкан во Сараево. Тој рече дека смета оти охрабрувачки потег е одлуката на српскиот премиер, Александар Вучиќ, денес да дојде во Сараево на подготвителниот состанок на премиерите на Западен Балкан, пред конференцијата во Трст.
„Мислам дека тоа е шанса и за добра подготовка за оваа конференција, а да бидам искрен, мене ми е уште позначајна бидејќи верувам дека ќе биде важен чекор во натамошниот развој на односите меѓу БиХ и Србија и конечна изградба на вистински основи на бошњачко-српскиот дијалог што е од суштинско значење за тие односи до крајот да се стабилизираат“, оцени Црнадак.
„Морам да кажам дека ова за нас е важно. И мене ми е мило што од она што досега го гледаме одзивот ќе биде многу голем и дека претседавачот со Советот на министри на БиХ, Денис Звиздиќ, денес во Сараево ќе биде домаќин на шефовите на владите од регионот. Ова е всушност најважниот состанок пред 12. јули, Самитот во Трст", рече Црнадак.
Тој нагласи дека средбите на премиерите се воведени како практика. Така беше и во пресрет на претходните самити за Западен Балкан. Минатата година, премиерите се состанаа во Брисел.
„Оваа година тоа е Сараево и генерално за нас тоа е добра видливост на БиХ на картата на европски настани, особено имајќи предвид дека за првпат оваа година беше донесена одлука неодамна во Скопје, во рамките на тој формат на шесторката од Западен Балкан да се воведе еден вид формално претседавање. До крајот на оваа година БиХ претседава со уште еден состанок на министрите за надворешни работи на земјите од Западен Блакна во 2017 година, каде што ќе бидам домаќин на останатите колеги“, истакна Црнадак.
Западен Балкан, рече Црнадак, може и мора заеднички да соработува.
„Мислам дека кога сме во прашање ние овде, најблиските соседи, треба тоа да го прошириме не само на прашањето на европските интеграции туку во сите сфери од животот, бидејќи она до кое се држам јас е мислењето дека соседите ни се тука и сега, додека трае процесот на интеграција, и кога тој процес ќе заврши. Тоа се нашите најблиски, луѓето и народите со кои секогаш ќе бидеме едни до други и секогаш заеднички ќе се соочуваме со добрите и лошите нешта и поради тоа е важно“, истакна Црнадак.
Инаку, денес во рамките на состанокот ЕУ-Западен Балкан низ Регионалната програма за размена на државните службеници ќе се одржи и доделување на дипломи.