Husamedin Gina
25 Март 2019•Ажурирај: 26 Март 2019
СКОПЈЕ (АА) – Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) во соработка со Здружението ЗОР и со поддршка на „Суташ“ и „Рамстор“, денеска во Основното училиште „Тефејуз“ ја започна „Програмата за здрава исхрана кај децата“, која има цел кај децата и нивните семејства да ја подигне свеста за заштита од лошата исхрана, здравјето на забите и нивната хигиена, јавува Anadolu Agency (AA).
Програмата ќе се реализира во различни делови во Република Северна Македонија (вкупно 18 општини) од 25 март до 7 април, и ќе опфати вкупно 2.000 ученици.
Во програмата учествуваа Кубра Акгун, трет секретар во Амбасадата на Република Турција во Скопје, координаторот на ТИКА - Скопје, Ајтекин Ајден, директорот за развој и инвестиции на Трговскиот центар „Рамстор мол“, Џеладин Џули, директорката на Основното училиште „Тефејуз“, Џејлан Рушид, и голем број ученици.
Координаторот на ТИКА - Скопје, Ајтекин Ајден, во својот говор одржан на почетокот на програмата се осврна на значењето на правилната исхрана и здравите заби кај децата.
„Вие многу добро знаете што значи правилната исхрана, што значи здравјето на забите, нели е така? Но, може нешто да сте заборавиле, може сте биле небрежни. Затоа тука ќе се осврнеме на тоа што можеме да сториме за тоа, особено како треба правилно да се храниме и како да го продолжиме нашиот живот како здрави лица, да не станеме дебели, да не ни се расипуваат забите“, истакна Ајден обраќајќи им се на децата, потсетувајќи на тоа дека во денешно време со консумирањето на брза храна и газирани пијалаци се соочуваме со сериозни ризици од болести.
Ајтекин Ајден на крајот на својот говор упати порака и до децата да не јадат нездрава храна и да реагираат кај своите родители.
„Драги деца, имам една молба до вас, слушајте многу внимателно, и ако има нешто погрешно во вашата исхрана, предупредете ги вашите родители, реагирајте и кажете им дека нема да ја консумирате таа храна. Може ли?“, нагласи Ајден, координаторот на ТИКА во Скопје.
„Програмата за здрава исхрана кај децата“ се реализираше преку приказните на детските херои Келоглан, Ибн-и Сина, Насрадин-оџа и Итар Пејо.
Ендокринологот д-р Танер Хасан од градската општа болница „8 Септември“, преку приказните за Келоглан, на децата им објасни како треба правилно да се хранат и на што да внимаат при консумирање на храната.
За тоа како до здрави заби и како треба да се четкаат забите предавање одржаа д-р Акѓул Омерагиќ, асистентка на Стоматолошкиот факултет при Европскиот универзитет во Скопје, и д-р специјалист Луљета Бекир од специјалната болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“.