Husamedin Gina
25 Март 2019•Ажурирај: 26 Март 2019
СКОПЈЕ (АА) – Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство на Република Северна Македонија, Зоран Атанaсов, во својство на претседавач со Поткомитетот за земјоделство во рамки на ЦЕФТА денес го отвори Третиот состанок на ад хок експертската група за електронска размена на податоци во областа на санитарните и фитосанитарните мерки, јавува Anadolu Agency (AA).
Веднаш по отворањето на состанокот, директорот Зоран Атанасов даде изјава за медиумите во којашто истакна дека целта на еднодневниот состанок е да се усогласат санитарните и фитосанитарните сертификати помеѓу земјите на ЦЕФТА.
„Целта на овој состанок е да се усогласат фитосанитарните и санитарните сертификати како би се олеснила трговијата помеѓу ЦЕФТА-земјите. Досега, реалната состојба, која е во моментот, е тоа што се има долги задржувања на границата, непотребни преклопувања со барања на документи, непотребни контроли од инспекциските служби на границите и доста заплеткани процедури при увозот и извозот на стоката од ЦЕФТА-земјите“, истакна Атанасов, додавајќи дека со воспоставувањето на електронската размена на податоци проблемите ќе се минимизираат и трговијата ќе се олесни.

Тој, исто така, нагласи дека со усогласувањето на санитарните и фитосанитарните сертификати ќе се овозможи фер и ефикасна соработка, олеснување на самите процедури при увозот или извозот, ќе се скрати времето на задржување на границите и ќе се намалат трошоците на компаниите при увозот или извозот.
„Северна Македонија до крајот на оваа година ќе биде претседавач со Поткомитетот за земјоделство во рамки на ЦЕФТА“, нагласи директорот Зоран Атанасов, додавајќи дека тоа е голема одговорност за Република Северна Македонија.
„Очекувам крајниот резултат за време на претседавањето со овој Поткомитет за земјоделие и санитарни и фитосанитарни прашања да се постигнат и конкретни резултати, т. е. да се усогласат веќе сертификатите, да нема разлики, туку сето тоа да биде во електронска верзија“, рече Атанасов и напомена дека податоците што ќе бидат електронски разменувани многу ќе олеснат во обработката и собирањето на податоците за да може да се направи соодветна ризик-проценка, а тоа значи дека контролите ќе бидат точно таргетирани.
Централноевропскиот договор за слободна трговија (ЦЕФТА) е трговски договор меѓу земјите кои не се членки на ЕУ, чии членови се земји од Југоисточна Европа: Република Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Молдавија, Србија, Црна Гора и Косово.