Admir Fazlagic
22 Јуни 2017•Ажурирај: 23 Јуни 2017
СКОПЈЕ (АА) - Денеска во Министерството за одбрана на Република Македонија на 20 припадници на Армијата на Република Македонија (АРМ) им беа доделени сертификати за успешно заврешен основен курс по турски јазик во турскиот културен центар, Институтот „Јунус Емре" во Скопје, јавува Anadolu Agency (AA).
По тој повод во Министерството за одбрана на Република Македонија присуствуваа началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-потполковник Методија Величковски, заменик на амбасадорот на Турција во Скопје Тахир Бора Ататанир, воениот атеше при Амбасадата на Турција во Скопје Рушен Абидиноглу, заменик директорот на турскиот културен центар, Институтот Јунус Емре во Скопје Фуат Коркмаз кои им ги доделија сертификатите за успешно завшен курс на турски јазик на припадниците на АРМ.
„Сите припадници на армијата и граѓаните на Македонија се повеќе од благодарни на братска Турција од причини што признавањето на Република Македонија под нејзиното уставно име е за нас е од суштинско, круцијално и основно значење", рече генерал-потполковнкикот Величковски честитајќи им на припадниците на АРМ за успешно заврешниот курс по турски јазик кој го реализираше институтот „Јунус Емре" во Скопје.
Тој додаде дека знаењето што го добиваат припадниците на АРМ на сите нивоа на школување е од непроценливо значење, бидејќи, како што рече, сите школувани кадри во Република Турција се на клучни позиции во армијата. „Ова е уште една причина повеќе да го продлабочиме пријателството, со што, со познавањето и изучување на турскиот јазик се премостува јазичната бариера и трансферот на искуства и знаењето е уште подобар", рече Величковски.
На денешниот состанок беше потсетено дека во изминатите години, повеќе од 100 припадници на АРМ успешно завршиле курс по турски јазик во организација на институтот „Јунус Емре" во Скопје.
Заменик на турскиот амбасадор во Скопје, Тахир Бора Ататанир, го изрази своето задоволство што има можност да присуствува на денешниот настан истакнувајќи дека Турција и Македонија имаат воени односи кои се на добро ниво.
„Сите овие добри односи за цел го имаат членството на Македонија во НАТО Алијансата", рече Ататанир, додавајќи дека истото било потврдено и во рамките на посетата на Македонија на турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу, кој оствари средби со државниот врв, на кои беше потврдена цврстата поддршка од Турција за Република Македонија за членството во НАТО.
„Ние како Република Турција се гордееме што ја имаме признаено Република Македонија под уставно име и што во документите во кои се споменува Македонија има фуснота за Република Македонија", додаде тој.
Заменик на турскиот амбасадор, Ататанир, потсети дека меѓу другото Република Македонија дава поддршка на мисиите во рамките на НАТО, во Авганистан во мисијата „Одлучна поддршка".
На присутните им се обрати и Фуат Коркмаз, заменик директорот на турскиот културен центар, Институтот „Јунус Емре" во Скопје, кој потсети дека овој институт во 2010 година започна да функционира давајќи курсеви по турски јазик.
Истакна дека на државно ниво со курсеви го поддржуваат Министерството за одбрана на Република Македонија, Министерството за внатрешни работи, Министерството за надворешни работи, Министерството за информатичко општество и администрација, а исто така организираат курсеви по турски јазик и за државните универзитети во земјава.
Коркмаз упати благодарност до Армијата на Република Македонија за досегашната соработката, упатувајќи честитки до сите припадници на АРМ кои ги реализирале курсевите.